Холивудската sвезда Расел Кроу објави планови за поставување филмско студио на источниот брег на родната Австралија.
– Размислував неколку години за тоа како би можел да го комбинирам тоа каде живеам со мојата работа, рече Кроу.
Оскаровецот појасни дека студиото ќе биде изградено во Кофс Харбор, јужно од Бризбејн, во постоечки комплекс. Во проектот првично наречен „Pacific Bay Resort Studios and Village”, „ќе се работат големи меѓународни играни филмови, како и тукашни продукции”, се вели во соопштението. Австралија стана популарно место за снимање при корона-пандемијата, поради релативно ниската стапка на зарази со коронавирус.
Студиото на Кроу, како нацрт план, меѓутоа треба да добие одобрение, а засега има поддршка од претставници на локалната самоуправа.
„Тор: Љубовта и громот” на студиото Марвел, „Тринаесет животи” на МГМ и „Црна светлина”, со Лијам Нисон во главната улога, би биле меѓу првите што ќе имаат корист од новиот проект. Џулија Робертс и Џорџ Клуни годинава исто така го снимаат својот филм „Билет за рајот”, во северна Австралија, додека продукцијата на претпродолжението на „Лудиот Макс” е закажана за близу Сиднеј следната 2022 година.