Интервјуто на Опра со принцот Хари и Меган номинирано за „Еми“

Интервјуто бомба, како што многумина го нарекуваат, влезе во трка за наградата „Еми“ во категоријата хостиран документарен серијал или посебна категорија.

Разговорот што Опра Винфри го водеше со војводата и војвотката од Сасекс беше емитуван на Си-би-ес во март. Хари и Меган не беа номинирани лично, туку Винфри и продуцентите на емисијата.

Интервјуто беше најавено како искрена исповед на Хари и Меган, кои јавно проговорија за своите искуства во монархијата. Преносот го следеле приближно 17,1 милиони гледачи и со денови беше тема на многубројни дискусии.

Војводата и војвотката од Сасекс открија детали за своето повлекување од кралските должности, затегнатите односи на Хари со татко му и безуспешните обиди на Меган да најде поддршка од кој било член на кралското семејство. Таа говореше и за наводен расизам во палатата и медиумите. Меган рече дека додека била бремена со своето првороденче Арчи, некои членови на кралското семејство стравувале за бојата на кожата на нејзиното идно дете.

Ова е 10-ти пат Опра да биде номинирана за „Еми“, а во минатото има освоено три – во 1989, 1993 и во 2000 година.

Треба да знаете
Последни објави