Куќата на југот од американската сојузна држава Флорида, којашто речиси 20 години му припаѓаше на познатиот гангстер Ал Капоне, најверојатно ќе се урива.
Според „Мајами хералд”, новите сопственици на куќата со девет соби во градот Мајами Бич имаат намера да ја урнат, откако летово ја купиле за 10,75 милиони долари. Еден од сопствениците, Тод Глејзер, изјави дека куќата, која се наоѓа на околу еден метар под морското ниво, била оштетена од поплави и подземни води.
Тие сакаат да изградат нова двокатна куќа, со осум соби, осум бањи, џакузи, спа-просторија и сауна.
– Оваа куќа обично е ѓубре. Срамно е тоа за Мајами Бич, додаде Глејзер.
Сосопственик на куќата е деловниот партнер на Глејзер, Нелсон Гонзалес – градежен инвеститор и бизнисмен.
Ал Капоне ја купи куќата во 1928. за тогашни 40.000 долари и често престојуваше таму, каде што и почина, од срцев удар, 1947 година. Трите внуки на Капоне планираат да продадат и 174 предмети од својот дедо, на аукција на 8 октомври, во аукциската куќа „Витерелс” во Сакраменто.