Наполи стигна до четвртата победа на исто толку одиграни натпревари во Серија А, откако на гостувањето кај Удинезе забележа сигурен и убедлив триумф (4:0), по што остана лидер во италијанското фудбалско првенство со два бода предност пред Интер и Милан. Тимот за кој настапува македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас има одличен старт под водство на тренерот Лучијано Спалети, кој смета дека сепак неговиот тим не може да биде вброен за еден од главните фаворити за титулата.
– Играме одлично, но сезоната е долга, а она што нам ни недостасува е долгата клупа.Тоа е и разликата во однос на фаворитите за скудетото, не знам колку натпревари ќе издржиме со вакво темпо. Да не заборавиме дека Милан игра одлично, Интер функционира добро и покрај разделбата со двајца важни играчи. Она што му дава дополнителна сила на Наполи се навивачите и се надевам дека тие ќе бидат дополнително гориво за фудбалерите – изјавил Спалети.