Новиот документарен филм за Бритни Спирс открива дека таткото, Џејми Спирс, имал толку многу контрола врз животот на поп-sвездата што дури ги надгледувал нејзините текстуални пораки, телефонски повици и историја на интернет-прелистување.
Пејачката, која започна правна битка за да ја врати контролата над својот живот и финансии, наводно, го изненадила нејзиниот тим кога побарала нов Ајфон, а обезбедувањето добило инструкции да инсталираат „родителски надзор“ на телефонот за да може други луѓе да добијат пристап до нејзините пораки, повици и историја на прелистување.
Говорејќи во новиот документарен филм Controlling Britney Spears – објавен во петокот, Алекс Власов, поранешен член на обезбедувањето (Black Box Security) од 2012 до 2021 година, рече: „Бритни сакаше да набави iPhone… и тоа беше многу чудно. Сите бевме загрижени.“
„Мојот шеф (Идан Јемини) ми пријде и ме праша: Дали постои начин за следење на Ајфон? И кога му реков да појасни на што мисли, тој одговори: „Па, родителски надзор (Parental Control). Дали може да се инсталира родителски надзор на Ајфон?“
„И тогаш Идан ми објасни дека комуникацијата на Бритни се следи за нејзина сопствена безбедност и заштита.“
Алекс не бил сигурен во законитоста на таквото барање и му било кажано дека судот знаел за следењето на нејзините комуникации, што на крајот доведе до клонирање на телефонот на Бритни на „Ајпад“, кој бил чуван во сеф.
„Идан ми рече: ‘Да, судот ова го знае. И адвокатот на Бритни исто така. Ова е за нејзина безбедност. Ова е за нејзина заштита’.“
Новиот адвокат на 39-годишната пејачка, Метју Розенгарт, вети дека „целосно и агресивно ќе ги испита овие работи“.
Тој нагласи: „Прислушкување или следење на комуникациите на Бритни, особено светите комуникации адвокат-клиент, претставува срамно и шокантно кршење на нејзините права на приватност и граѓански слободи“.