Кандидатот за градоначалник на Општина Охрид, Константин Георгиески во гостувањето на дебатната емисија „Локални избори 2021“ на МРТ 1, истака дека како локална власт работеле посветено, одговорно и домаќински и постигнале значителен успех, иако биле соочени низа проблеми.
-Се соочивме со општина која беше во големи проблеми, прво финансиски многу задолжена во финансиски дубиозна состојба со 1,7 милијарди денари долг. Започнавме процес на раздолжување и стигнавме до 295.000.000 денари долг и на праг сме да го завршиме тој процес на раздолжување на општината, истакна Георгиески.
Тој напомена дека од првиот ден како градоначалник се соочил со проблемот со статусот во УНЕСКО и заканата од ставање на Охридскиот регион на листата на светско наследство во опасност.
-Активно храбро и одлучно се боревме од првиот ден и денеска можеме да заклучиме дека го задржавме статусот на Охрид во УНЕСКО. Ги спроведовме сите постапки кои се бараа од нас, меѓутоа тоа бара континуитет и е процес кој мора да се продолжи, потенцираше Георгиески.
На прашањето „Зошто повторно ја бара довербата на Охриѓани“ тој истакна.
-Како локална власт во текот на изминатите две и пол години реализиравме низа крупни инфраструктурни проекти кои што беа ветувани со години. Граѓаните на Охрид знаат кои се тие проекти и секојдневно го гледаат резултатот на нашата работа, рече Георгиески, објаснувајќи дека во неговата предизборна програма нуди нови проекти, а дел од нив се на прагот на реализација и нивниот почеток е прашање на денови.
– Нашата основна визија за Охрид е „365 дена дестинација, 365 дена можности за сите“ и се состои од 5 главни постулати, главни суштински проекти кои што се зацртани во нашата програма. Тоа се „Плажи по мерка на граѓаните и во склад со природата“, „Урбана култура“ каде што го враќаме сјајот на охридската чаршија, плоштадот „Чинар“, „Охрид на клик“, „Децата се нашата иднина“ и „Зелена оаза“, најави Георгиески.
Георгиески потенцираше дека како локална власт давале континуирана и редовна поддршка на спортот.
-Општина Охрид има 27 милиони денари за спорт од кои 9 милиони денари се за ракометниот клуб „Охрид“ кој е прволигаш, 6 милиони денари за Фудбалскиот клуб „Охрид“, 2,7 милиони денари за фудбаскиот клуб „Воска“, а со остатокот од средствата се субвенцираат фудбалски школи и разни други спортови, објасни Георгиески.
Тој нагласи дека локалната самоуправа континуирано работела на доделување на субвенции за граѓаните.
-Кога советот на општината ги носеше правилниците за исплата на субвенциите кои за прв пат се реализираа во општина Охрид, субвенции за велосипеди, за инвертер клима уреди и субвенциите за ублажување на последиците од корона пандемијата, субвенции за станоиздавачи, кајчари и туристички водичи, советниците на ВМРО ДПМНЕ ја напуштија седницата и не гласаа за тие правилници, истакна Георгиески.
Тој ги повика граѓаните на Охрид да ги поддржат политките за подобар развој на градот со цел да продолжи започнатиот процес на инвестици во инфраструктурата и финансиска консолидација на општината.