Ден пред дербито во шпанската Ла Лига, во кое Барселона му гостува на Атлетико во Мадрид, тренерот на каталонскиот клуб Роналд Куман повторно се соочи со новинарски прашања околу неговата иднина и констатираше дека „му здодеало веќе да се брани”.
Барселона во последните пет натпревари во сите натпреварувања оствари само една победа, а шпекулациите дека на холандскиот стратег му се подготвува отказ дополнително ги подгреа убедливиот пораз од Бенфика (0:3) во Лигата на шампиони.
– Уште еднаш ќе повторам дека никој од клубот ништо не ми соопштил. Дознав дека претседателот на клубот бил тука утринава, но не го видов. Имам очи и уши, знам дека во многу работи, кои протекуваат во јавноста има и вистина, но уште еднаш повторувам дека никој ништо не ми соопштил, изјави Куман на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за можен отказ.
Таков потег би ја чинел Барселона меѓу 12 и 14 милиони евра, што само дополнително би ја отежнала и онака тешката финансиска состојба во клубот.
Каталонскиот гигант вчера потврди загуба од 481 милиони евра за минатата сезона.