Поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили денеска соопшти дека пристигнал во својата татковина по осумгодишно отсуство.
„Добро утро, Грузија. Веќе сум во Грузија по осум години “, напиша тој на својата страница на Фејсбук.
Политичарот објави и видео со кое потврдува дека пристигнал во Батуми.
„Ова е мојот Батуми. Ова требаше да биде мојот американски технолошки универзитет Батуми, кој го уништија. Можевме да имаме вакцина денеска, а ковидот немаше да убие толку многу луѓе. Многу ми недостасуваа овие места. Мојот сон се оствари денес”, напиша тој.
Грузиското Министерство за внатрешни работи, меѓутоа, тврди дека Саакашвили не ја минал државната граница. Претседателот на владејачката партија „Грузиски сон-Демократска Грузија”, Иракли Кобахидзе, исто така рече дека Саакашвили не е во земјата.
-Саакашвили не е во Батуми. Видеото на Михаил Саакашвили не е снимено во Грузија, рече тој.
Кобахидзе го нарече поранешниот шеф на државата „кловн” и рече дека навистина сака да пристигне во Грузија.
-Тогаш целото општество ќе види каков кловн е Михаил Саакашвили, и тоа ќе стави крај на целата гротеска во грузиската политика, вклучително и во однос на поларизацијата, рече тој.
Марија Барабаш, вработена во канцеларијата на Саакашвили во Киев за грузиската телевизија „Мтавари Архи”, не ги потврди или негираше информациите за престојот на политичарот во Грузија. Таа само објави дека Саакашвили го напуштил Киев.
-Пред три дена го собра тимот и рече дека оди во Грузија, бидејќи сега е пресвртница за земјата, кога мора да се направи избор помеѓу Европа и минатото. Ни рече дека мора да замине затоа што таму се одржува важен референдум и мора да биде во Грузија, рече Барабаш.
Саакашвили во понеделникот вечерта објави дека купил авионска карта за Тбилиси за 2 октомври – за локалните избори.