Оние кои одбиле да се попишат сепак ќе влезат во пописната операција со споредба на останатите бази на податоци од државата. Но, за овие лица нема да бидат одговорени сет од прашања што вклучуваат етничка и верска припадност, како и мајчин јазик
Во моментов не можам да кажам точна бројка на оние кои одбија да се попишат, бидејќи треба да ги собереме сите податоци од колегите од терен. Меѓутоа, тој број е минимален. Имаше доста обиди на почетокот, но со сите тие луѓе одевме разговаравме повеќепати и најголемиот дел од тие домаќинства и граѓани одлучија да се попишат, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, во вечерашното гостување на „360 степени“.
„Во секој таков случај направен е записник односно изјава од страна на попишувачот и во сите тие случаи ќе покренеме постапка“, рече Симовски.
Тој образложи дека и за оние граѓани што одбиле да се попишат со вкрстувањето на останатите бази ќе се покажат основните податоци и тие ќе влезат во конечната статистика.
„Овој попис за првпат е спроведен со комбиниран метод на попишување, а тоа значи попишување на терен, но и користење на податоци од базите што ги подготвивме за оваа намена. тоа се седум бази на податоци кои се споени во една и во која со голема точност да констатираме дека одредени лица се тука присутни и треба да бидат дел од оваа операција. На пример, ако едно лице е вработено го има во базата на Агенцијата за вработување, Управата за јавни приходи, но и во Фондот за пензиско осигурување и ако тоа лице редовно секој месец уплаќа даноци и придонеси и стои дека е тука вработено нема сомнение дека е присутно. Можеби од повеќе причини не било попишано или пак одбило да биде попишано, но за такво лице ние имаме огромен фонд на податоци“, рече Симовски.