Епидемиолошката ситуација предизвикана од коронавирусот во Србија станува алармантна. Изминативе денови се евидентирани рекордни бројки над осум илјад на новоинфицирани лица што е најмногу од почетокот на пандемијата. Затоа потребно е здравствените власти итно да реагираат и да се воведат нови рестриктивни мерки, предупредува Тања Јовановиќ, вирусологот и професор на Медицинскиот факултет во Белград.
Како што пренесува Н1, д-р Јовановиќ смета дека за да се стави ситуацијата под контрола потребно е да се затворат угостителските објекти и некои други несуштински бизниси.
-По 17 часот треба да бидат затворени угостителските објекти и да останат да работат само прехранбените објекти, аптеките и бензинските пумпи. Епидемиолошки мерки имаме само на хартија, но се однесуваме како да не постојат. Немаме инспекција која би казнувала луѓе кои не ги почитуваат. Кога би се почитувале основните мерки, ситуацијата би била поинаква – додава Јовановиќ.
Според Јовановиќ многу доцна се воведени ковид-пропусниците, па затоа сега приоритет треба да биде воспоставување контрола над епидемијата, а тоа може да се случи со засилени рестриктивни мерки кои ќе мора да се почитуваат од сите.
-Епидемијата во овој четврти бран го достигна највисокото ниво. Голем е бројот на заразени, хоспитализирани, огромни се редовите пред ковид-амбулантите, а имаме заболени со многу тешки клинички слики, вели Јовановиќ.
Според неа, болеста најмногу се шири кај невакцинираните и со тоа што голем број луѓе не сакаат да примат вакцина против ковид овозможуваат вирусот да добие на сила, а луѓето да развиваат тешка клиничка слика, а со тоа да се преполнуваат болниците.