„Време е желбата за промени да прерасне во стварност, нашата општина да прерасне во модерно, еколошко чисто, урбано и безбедно место за живеење, време е по повеќе од 20 години СДСМ да ја добие довербата на граѓаните на локалните избори во Општина Илинден”, порача вечерва кандидатот за градоначалник на Општина Илинден на СДСМ и Коалицијата Александар Тодоровски.
Тој нагласи дека секој граѓанин, без разлика на верска, етничка или родова припадност, од сите 12 населени места во општината, има право да живее достоинствено, како што му доликува на човек во 21 век.
Имаме победничка програма со реални проекти кои со работа и труд ќе ги реализираме за период од 4 години, истакна Тодоровски, претставувајќи дел од планираните проекти за општина Илинден.
„Ќе изградиме Здравствен дом-Поликлиника, со воведување на 24 часовно дежурство, а приоритет ни е инфраструктурата во Општина Илинден, во сите 12 населени места ќе се асфалтираат главни и споредни улици, ќе работиме на комуналната инфраструктура, на решавање на проблемот со фекалните отпадни и атмосферски води”, порача Тодоровски.
„Граѓаните од Општината Илинден ќе бидат ослободени од плаќање на улично осветлување, по изградбата на најмалку една фотоволтаична централа преку приватно партнерство”, соопшти Тодоровски.
Тој најави и реконструирање на сите основни училишта, нивна модернизација и адаптација за воведување на целодневна настава, но и изградба на нова детска градинка и основно училиште во населба Илинден.
„Ќе се зафатиме со решавање на проблемот со отворените канали кои претставуваат извор на зараза и опасност по здравјето на луѓето, ќе направиме нивно покривање и реконструирање во шеталишта и велосипедски патеки”, најави Тодоровски.
Тој истакна дека ова се само дел од проектите кои ќе бидат реализирани заедно со Владата на Република Северна Македонија и ги повика граѓаните на 17 октомври масовно да излезат и да гласаат за бројот 12.
„Овој пат победата мора да биде ваша, да го избереме најдоброто за Илинден, за да живееме во модерна европска општина”, повика кандидатот за градоначалник на Општина Илинден на СДСМ и Коалицијата Александар Тодоровски.