ВМРО-ДПМНЕ пред почетокот на кампањата требало барем малку да ја информираат својата кандидатка за градоначалник на градот Скопје, Данела Арсовска, дека токму нејзината партија до пред само четири години ја имаше локалната власт во општина Гази Баба 20 години во континуитет.
Токму проблемите кои Арсовска ги истакнува се проблеми наследени од едно болно минато на граѓаните во Гази Баба кога општината ја управуваа различни градоначалници, но со еден заеднички именител – сите поддржани од ВМРО-ДПМНЕ.
И да, точно е дека во Гази Баба имаше населени места без водоводна и канализациона мрежа. Бидејќи точно е, како што вели Арсовска, дека ВМРО-ДПМНЕ ја остави општината во 19 век.
Бидејќи нејзината партија ВМРО-ДПМНЕ тоа не го сторила, сакаме да ја информираме кандидатката Арсовска дека во Гази Баба работите се менуваат интензивно изминативе 4 години. Во континуитет во првиот мандат на градоначалникот Борис Георгиевски се градат водоводи и канализациони мрежи и тоа со пари на општината, а не со децениски ветувања и самопридонес од граѓаните како што го правеле нејзините партиски другари претходните 20 години.
Населените места Трубарево, Гоце Делчев, Јурумлери, Смилковци, Попово Маало, Црешево се населените места во кои се гради канализациона мрежа овие 4 години кога градоначалник е Борис Георгиевски. Раштак и Булачани денес веќе имаат водоводна мрежа со поставени водомери исто во времето на Борис Георгиевски. За овие 4 години изградени се вкупно 23 километри нова водоводна и канализациона мрежа во Гази Баба. Што се за десет пати повеќе од сите 20 години власт на ВМРО-ДПМНЕ во оваа општина.
Исто така, кандидатката за град Скопје на ВМРО-ДПМНЕ требала да знае дека 12 години градоначалник на градот, а претходно и на општината бил нејзиниот партиски противкандидат Коце Трајановски. Тој самиот доаѓа од Гази Баба, а со прст не мрднал да реши некој од нејзините проблеми за што и самата Данела Арсовска говореше на партискиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ.
Ја советуваме кандидатката Арсовска да го праша својот кандидат за градоначалник, Бобан Стефковски, дали додека бил член на Советот на општина Гази Баба, населените места имале водовод и канализација, но и зошто тој лично не побарал да се изгради и реши овој проблем кој таму го имале жителите.
Дали всушност самата Данела Арсовска даде критика за неработењето на Бобан Стефковски.
Арсовска може да го праша истиот Стефковски зошто како претседател на општинскиот комитет дал наредба да се блокира и не донесе буџетот на општината во 2019 и 2020 година, блокирајќи ги проектите за изградба на водоводи и канализациони мрежи.
На крај Арсовска треба да запраша, зошто поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, партијата која ја поддржува, потрошил стотици милиони евра во стиропор и бронза само на плоштадот во Скопје, додека жителите на Гази Баба немилосрдно 20 години биле оставани без водовод и канализација, во калливи улички и со проблеми карактеристични за 19 век.
Бидејќи, ова се само мал дел од причините зошто пред 4 години Гази Баба кажа НЕ на лагите од ВМРО-ДПМНЕ, ослободувајќи се од децениското заробеништво на таа партија кое не донесе речиси ниеден бенефит за граѓаните од Општината.
Денес Гази Баба оди напред, се развива и забрзано се движи од 19 век во кој ја оставија претходниците на Данела Арсовска кон 21 век.
Токму затоа, уверени сме, а поддршката од теренот јасно го укажува тоа, дека граѓаните на Гази Баба знаат што е најдобро за нивната општина и повторно ќе одберат резултати и посветена работа, а не лажните ветувања на партијата ВМРО-ДПМНЕ која јасно и недвосмислено ја искритикува и нејзината кандидатка Данела Арсовска на вчерашниот партиски митинг.