На прес-конференцијата во Бања Лука, српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, покажа препис од разговорот со заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави, задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Тој објасни дека нема намера да излезе во јавноста со деталите за тој разговор, но бидејќи Амбасадата на САД објави соопштение до медиумите, тој одлучи да го прекине молкот.
Додик вели дека Ескобар му рекол: „Морам да ти кажам дека се предвидени нови санкции против Балканот не само за оние што го попречуваат напредокот, туку и за оние кои имаат корист од тоа“.
Додик вели дека не може јавно да каже што му одговорил на Ескобар, па затоа покажа транскрипт со својот одговор:
„Ме заболе за санкциите. Сум го поминал тоа порано. Ако сакаш да разговараш со мене, не ми се заканувај“, пишува во транскриптот.
– Секогаш ќе го користам ова во лични разговори со сите оние кои мислат дека овде можат да ни се заканат со санкции. Одговорив многу прецизно и јасно – истакна Додик.