Клара Добрев, 49-годишна адвокатка, која се залага за поблиски односи со Европската унија, победи во првиот круг од предизборите на обединетата унгарска опозиција, која сака со заеднички сили да го собори премиерот Виктор Орбан на изборите следната година.
Добрев, кандидатка на левичарската Демократска коалиција, победи во првиот круг пред вториот левичарски политичар, градоначалникот на Будимпешта, Гергели Караксони.
Следната година, за првпат од доаѓањето на Виктор Орбан на власт во 2010 година, на изборите ќе му се спротивстави обединета опозиција, во која се вклучени социјалистите, либералите и некогаш екстремно десничарската, а денес централно-десничарската партија Јобик.
Анкетите предвидуваат тесна трка меѓу владејачката партија Фидес на Орбан и опозицијата, пренесуваат британските медиуми.
Орбан и Фидес на власт се , исто така, благодарение на изборниот систем кој ги фаворизира големите партии, иако на минатогодишните избори во Будимпешта, 46-годишниот Караксони успеа да ја собори владејачката партија.
Тој на предизборите освои 27,3 проценти од опозициските гласови, а Добрев 34,8. Еден од нив ќе му биде противникот на Орбан.
Облечена во сино -жолтата боја на Европската унија, Добрев доцна синоќа кажа дека по фер завршениот прв круг од гласањето, таа е подготвена за вториот круг.
-Нема да застанеме додека не го победиме Орбан и неговиот режим, рече Добрев, потпретседателка на Европскиот парламент, која вети дека ќе се бори против сиромаштијата и ќе работи на воведување на еврото.
Караксони вети фер даночен систем и борба против политичките поделби во земјата.
Предизборите ќе продолжат следниот месец.