Под мотото „Нови можности” и под слоганот „Дом на секој чекор” оваа година Северна Македонија со сопствен павилјон ќе биде претставена на Дубаи ЕКСПО, објави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на „Фејсбук”.
– Пред повеќе од 190 земји и над 25 милиони посетители, ќе ги промовираме економските можности, инвестицискиот потенцијал, туристичките атракции, богатото културно наследство и етничката разновидност, напиша Османи. Шефот на дипломатијата додава дека Северна Македонија ќе биде во центарот на светската јавност на 22 февруари 2022, кога ќе се одржи централна културна манифестација и бизнис форум за промоција на инвестициските можности.
– Придобивките од учеството на Дубаи ЕКСПО 2020 се повеќедимензионални: подигнување на видливоста на Северна Македонија во светски рамки; креирање мрежа на бизнис контакти и можности за зголемување на економската соработка со голем број земји од различни региони во светот; привлекување странски инвестиции, олеснување на пристапот до профиталбилни светски пазари, наведува Османи.