Потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски вечерва при промоција на кандидатот за градоначалник на Општина Илинден Александар Тодоровски и советничката листа истакна дека Илинден заслужува да се случат промените и да почне да се случува „Најдоброто” и во Илинден.
„Во изминатите четири години работевме напорно, посветено и отчетно. Ја поставивме државата на правиот пат, стана членка на НАТО, сега сме најбезбедна држава на Западен Балкан, резултатите се видливи, општините забрзано се развиваат со силна поддршка од централната власт”, нагласи Спасовски.
Тој истакна дека во изминатите четири години во општините во државата се реализирани над 7.000 проекти, а политиките на СДСМ се за граѓаните, за зголемување на животниот стандард, за унапредување на инфраструктурата и условите за живот во секоја општина, во секој град и населено место.
„Најдобрите проекти за вас, за Општина Илинден ги има советничката листа на СДСМ и на Коалицијата и кандидатот Александар Тодоровски, успешен бизнисмен, домаќин човек, кој најдобро ги познава вашите проблеми и барања и што е најважно знае како да ги реши”, порача Спасовски, додавајќи дека наспроти проектите и најдоброто што го нуди СДСМ и Коалицијата, стои антинародната, антиевропска, деструктивна опозиција, предводена од политичарот без став, кочничарот Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ ја остави периферијата на Скопје нечепната, затоа во Илинден во 12 населени места нема комунална инфраструктура”, истакна Спасовски.
Тој нагласи дека затоа на 1 квадратен километар во центарот на Скопје на забеганиот проект „Скопје 2014″, расфрлија 700 милиони евра во барок, стиропор, жални врби, палми, споменици.
„Да беа тие пари вложени во инфраструктура денеска ќе разговаравме како Илинден уште повеќе да расте, но тие наместо градинки, училишта, болници, полициски станици, градеа партиски музеи, партиски плоштади, партиски цркви и како круна на лудилото партиска „Бела палата”, да им биде споменик на криминалот и корупцијата, истакна Спасовски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ се истите луѓе како во режимот, се обидуваат да се кријат зад независни кандидати, уште од сега си бараат алиби за поразот, што им се следува.
„Ве повикувам да го испорачаме најголемиот пораз, токму тука во Илинден, да ја потврдиме победата и да покажаме дека и во Илинден сакаме да го промениме општеството и општината, вие најдобро знаете да направите разлика и да го поддржите концептот на СДСМ, вие имате најголема мотивација на 17 октомври да го казните ВМРО-ДПМНЕ и конечно и во Илинден да дојде „Најдоброто”, порача потпретседателот на СДСМ Оливер Спасовски.