Премиерот во заминување Јошихиде Суга им се заблагодари на луѓето за трпението и соработката и ги повика да се придржуваат до основните антивирусни мерки.
„Уште еднаш ве замолувам да соработувате за да можеме да се вратиме во секојдневниот живот, чувствувајќи се безбедно”, рече тој.
Како што пренесуваат странските агенции, Јапонија сака да ги прошири економските и социјалните активности, додека во исто време настојува да се спречи нов бран инфекции со доаѓањето на постудено време. Официјални лица велат дека владата и натаму треба да отвора нови привремени болници за лекување на Ковид-19 и да продолжи со вакцинациите за да се подготви за евентуален нов скок на заразата.
Дневниот број на новозаразени од средата падна под 1.600 низ целата земја, во споредба со врвот од околу 25.000 новозаразени дневно во средината на август.
Експертите го објаснија намалувањето на бројот на заразени лица со напредокот на вакцинацијата и придржувањето до мерките за дистанцирање.
Околу 59 проценти од Јапонците се целосно вакцинирани. Во Јапонија се регистрирани 1,69 милиони заразени и 17.641 смртни случаи од Ковид-19.