Од денеска личната карта веќе не важи за влез во Обединетото Кралство, која во иднина ќе бара од европските и швајцарските граѓани да ги покажат своите пасоши, што е една од последните последици од Брегзит.
Британското Министерство за внатрешни работи посочува дека оваа промена ќе овозможи „организираните криминални банди и други лица да бидат спречени да го злоупотребуваат системот”, бидејќи личните карти, како што вели, се „незаштитен” документ.
Бројките на министерството покажуваат дека 48 проценти од фалсификуваните документи откриени на границата на Обединетото Кралство во 2020 година се европски и швајцарски лични карти.
„Овие документи полесно се фалсификуваат отколку пасошите”, додаде министерството, затоа што некои „немаат биометриски податоци”.
-Мораме да дејствуваме против криминалците кои сакаат илегално да влезат во нашата земја со фалсификувани документи, изјави министерката за внатрешни работи Прити Пател.
„Со престанокот да ги користиме незаштитените лични карти, ја зајакнуваме нашата граница и ја исполнуваме волјата на луѓето да ја преземат контролата врз нашиот имиграциски систем”, додаде таа.
Исклучок од ова задолжително покажување на пасошите се ирските државјани, од една страна, и европските и швајцарските државјани со привремен или постојан статус на британска територија, од друга страна, кои ќе можат да ја користат својата лична карта до 31 декември 2025 година