Половина од анкетираните во истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Metron Analysis” за грчката телевизија „Мега” сметаат дека Грција се движи во погрешна насока, додека пак економијата и пандемијата ги одбираат како најголеми проблеми за земјата. Работата на Владата во однос на Ковид-19 и јавното здравје, 53 отсто од анкетираните ја оценуваат негативно, а 42 проценти позитивно, додека пак на прашањето кој е најголемиот проблем за земјата тројца од десет анкетирани ги избрале економијата и пандемијата.
Во однос на вакцините, 78 отсто од испитаниците, без разлика дали се вакцинирани или не, изразиле позитивен став, 75 проценти веќе се имунизирани, а 11 отсто одговориле дека нема да се вакцинираат.
Речиси седум од десет анкетирани, сметаат дека пандемијата ќе заврши по 2022 година.
На политичката сцена, владејачката Нова демократија и понатаму е во предност пред опозициската СИРИЗА со 11,1 отсто, а Кирјакос Мицотакис со 38 проценти е посоодветен за премиер во споредба со Алексис Ципрас, кој добива 16 отсто.
Тројца од десет анкетирани, на конкретното прашање не одбрале ниту еден од понудените лидери на партиите.
Истражувањето на јавното мислење од агенцијата „Metron Analysis” за телевизијата „Мега” било спроведено од 21 до 27 септември 2021 година, со анкетирани 1.200 лица.