Среќа, успех и знаење им посакаа денеска премиерот Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска на сите студенти кои ги почнуваат студиите во академската 2021/2022 година. Заедно со ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Никола Јанкуловски тие присуствуваа на првиот академски час на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) на УКИМ каде што наставата во зимскиот семестар, како и на останатите факултети на најстариот и најголем универзитет во земјава, поради пандемиските услови ќе се одвива комбинирано – онлајн и со физичко присуство, во зависност од големината на групите и од спецификите на студиските програми.
Честитајќи им го почетокот на новата академска година на сите студенти, професори и вработени на факултетите, премиерот Заев порача дека студентите да имаат креативен и одговорен пристап кон образованието, а професорите да бидат инспиративни. Тој нагласи дека студирањето е повеќе од само учење и стекнување нови знаења и дека академските години се период на зрелост и пронаоѓање на своето место во општеството и во професионалната определба.
– Многу е важно за студентите и професорите што наставата и другите активности се враќаат во амфитеатрите, кабинетите и лабораториите на студентските кампуси. Ништо не може да го замени непосредниот контакт и директната комуникација во стекнување на знаењата и вештините, но секако останува да се почитуваат протоколите за изведување на наставата и другите академски активности. Се надевам дека пандемијата нема да добие димензии за да мора да се врати академската година онлајн, но и ако се случи тоа, веќе имаме сериозно искуство од минатата година и сите планирани содржини ќе се реализираат согласно програмите на факултетите, истакна Заев, додавајќи дека Владата продолжува со креирање политики за подобар студентски стандард и современи услови за настава и за научно-истражувачка дејност на факултетите.
Заев и Царовска ги посочија новините во новата академска година – финансиската поддршка за субвенциониран студентски оброк за редовните студенти на додипломски студии на јавни и приватни универзитети од 2.400 денари месечно и зголемени износи на стипендиите, за некои категории и над 80 проценти.
Царовска ја нагласи соработката со универзитетските студентски собранија со кои, како што рече, успеале да направат исчекор во подобрувањето на студентскиот стандард и дека и во иднина ќе продолжат да работат заедно.
– Владата во континуитет работеше на подготовка на политики за упис соодветни на потребите на реалното живеењето, а исто така и на политиките за стипендирање. За ПМФ се обезбедени стипендии од 18.000 денари за насоките математика, физика и хемија. Но, исто така, ги зголемивме за 80 проценти и останатите видови стипендии на студентите на нашите факултети. Дополнително, првпат воведовме студентски оброк, и исплатата за повеќе од 18 000 студенти ќе биде во текот на денов и утре, и така тековно секој месец, изјави Царовска.
Исплатата за студентски оброк ќе биде за студенти од втора и погорни години, за кои конкурсот заврши, а од денеска до крајот на месецов е отворен повикот за студенти запишани во прва година додипломски студии.
На новинарско прашање зошто условите за новите износи не важат и за оние што веќе примаат стипендија, министерката Царовска одговори дека од оваа година се менува политиката на стипендирањето на студентите и на учениците. Тие што примаат стипендии во изминатите 15-ина години, рече таа, се обврзани со договорот што го потпишале со МОН, но дека и тие може да конкурираат за новите стипендии.
– Промена на тој систем не е возможен. Сите кои сметаат дека треба да се пријават на новиот конкурс го имаат истото право. Овие стипендии се отворени за сите кои сметаат дека треба да влезат во трка за стипендија под услови кои сега се објавуваат. Ретроактивно поместување на веќе склучени договори не е возможно во правниот систем. Но, на новиот конкурс може да аплицира секој, независно во која година е денеска од користењето на претходна стипендија, посочи министерката за образование и наука.
Деканот на ПМФ на УКИМ, Александар Скепаровски рече дека Природно-математичкиот факултет денеска ги отвора вратите за околу 300 нови студенти и го радува тоа што има благ пораст на новозапишани во однос на лани. И на ПМФ, согласно искуството од лани и спецификите на студиските програми, донесе одлука наставата да се одвива комбинирано.
Скепаровски истакна дека присуството на премиерот Заев, министерклата Царовска и ректорот Јанлуловски на првиот академски час на ПМФ е чест и задоволство за нив, но и потврда дека е препозната улогата и значењето на ПМФ и неговата дејност во пошироки општествени рамки. Тоа е и знак, додаде деканот на ПМФ, дека има подготвеност и во иднина да продолжи поддршката на нивниот факултетот и воопшто на универзитетот „Св. Кирил и Методиј”.