Проф. д-р Грозданова во Лекарска комора: Комбинирање на вакцините против Ковид-19 дава поширок имунолошки одговор

Вакцините за заштита од Ковид-19 и по појава на Делта сојот обезбедуваат висока заштита од вирусот, ја намалуваат потребата од хоспитализација и компликации од болеста, a нивната комбинирана употреба може да создаде поширок  имунолошки одговор, истакна проф. д-р Александра Грозданова, Национален координатор за имунизација во неделната онлајн дискусија организирана во Лекарска комора на РСМ. Проф. д-р Грозданова пред големиот број на присутни доктори на медицина даде осврт кон развојот на вакцините за заштита од Ковид 19 кои се користат во светот и презентираше преглед на најрелевантните научни студии за ефикасноста на вакцините пред појава на Делта сојот и потоа. Претседателот на Лекарска комора, проф. д-р Гривчева ја истакна важноста на овие настани за размена на сознанија и искуства кои се организираат со цел да се олесни секојдневното практикување на медицината.

„Според студиите објавени во стручни списанија со голем импакт фактор „Lanset” и „The new England journal of medicine” пред појавата на Делта сојот, Фајзер и Модерна покажуваат од 87% до 100% заштита од симптоматски Ковид -19 и од 80% до 93% заштита од асимптоматска инфекција. Астра Зенека во студии во Велика Британија покажала ефикасност од 60% во заштита од симптоматска инфекција и 70,4% заштитата од симптоматска инфекција од британскиот сој. Спутник во студии направени во Русија покажува 97,6% заштитата од инфекција, додека Синофарм  според студии во ОАЕ и Бахреин покажува ефективност од над 90% “, истакна проф. д-р Грозданова.

Во светот се уште постои голем интерес за производство на вакцини кои штитат од Ковид 19. Во моментов има 185 вакцини кои се во пред клиничка фаза, 40 се во различни фази на клиничко испитување, 21 вакцина се достапни во светот од кои само 8 имаат добиено одобрение за пуштање во употреба.

„Вакцините се ефективни во спречување на хоспитализација и тешка форма на болест и по појавата на Делта сојот, но може да бидат помалку ефикасни во спречување на инфекција или развивање на поблаги симптоматски заболувања. Причините за помала ефикасност најверојатно вклучуваат опаѓање на имунитет со текот на времето, појавата на Делта варијанта и различниот одговор за повозрасната популација и имуно-компромитираните пациенти. Несаканите сериозни реакции се навистина ретки, според податоците кои кај нас ги прибира МАЛМЕД не сме имале ниту еден случај на животно-загрозувачка реакција како последица на овие вакцини. Бројот на несакани реакции е далеку помал од ризикот кој го носи болеста, така што бенефитот од вакцинацијата против Ковид-19 е на високо ниво”, истакна проф. д-р Грозданова.

 

Заради падот на ефективноста на вакцините се даваат препораки за бустирање на имунолошкиот одговор со трета доза на вакцина. Националната комисија за имунизација препорача вакцинација со трета доза на вакцина кај ризични групи: здравствени работници, независно од возраста, пациенти на дијализа, трансплантирани пациенти и имунокомпромитирани, лица над 60 години. Вакцинацијата со трета доза ќе се спроведува со вакцините на Фајзер, после поминати 6 месеци од примањето на втората доза.

 

„Во однос на комбинирање на вакцините кое се јавува како прашање и од аспект на безбедност и на ефикасност, давањето на различна прва во однос на втора доза или различна буст доза дава можен поширок имунолошки одговор и појак бустер ефект. Студии направени во Велика Британија и во Шпанија покажаа одличен ефект од комбинација на Астра Зенека и Фајзер, комбинирање на Астра Зенека со Спутник, како и комбинација на Фајзер со Џонсон и Џонсон. Вакви искуства веќе имаат и Канада, Франција, Данска, Норвешка, Данска, Шведска кои заради забраната за давање на Астра Зенека на помлади, по примена прва доза од оваа вакцина како втора даваа Фајзер или Модерна”, истакна проф. д-р Грозданова.

 

Таа упати порака за важноста на вакцинацијата на трудници, бидејќи на тој начин прво се заштитува мајката, а потоа преку пасивниот имунитет и новороденчето. Во однос на комбинирањето на вакцината за заштита од Ковид-19 и  онаа за заштита од сезонски грип, проф. д-р Грозданова даде препорака дека може двете да се примат во ист ден, или на временско растојание од две недели.

 

Лекарската комора со цел да ја подобри комуникацијата меѓу докторите од сите ниво на здравствениот систем досега организираше 16 онлајн дискусии на теми поврзани со дијагностика, третман и превенција на Ковид -19.

Треба да знаете
Последни објави