Кога економијата работи за граѓаните наместо за режимот, растат платите и економскиот стандард
Владата на Република Северна Македонија во изминатите четири години се фокусираше на зголемување на стандардот на граѓаните и условите за живот во земјава. Уште од првиот ден, со макотрпна работа фокусот се стави на растот на платите, а резултатите од тоа се гледаат денес.
Актуелната влада предводена од СДСМ, парите од државниот буџет наместо во промашени и партиски проекти како Скопје 2014, реши да ги враќа назад кај граѓаните. Освен тоа и целата економија ја насочи да функционира за обичниот граѓанин, наместо за фамилијата на власт.
Со растот на платите во образованието и здравството се испраија неправдите кои овие клучни сектори за успешно функционирање на државата ги трпеа со години. Нивните плати беа усогласени согласно минималната плата на национално ниво, со што реално се пораснаа.
Економскиот стандард на граѓаните се подигна со растот на минималната и просечната плата. Минималната плата порасна за 60 отсто или шест илјади денари во мандатот на СДСМ и сега таа изнесува над 15 илјади денари. Само за споредба, минималната плата пред само 5 години беше нешто над 9 илјади денари.
Растот на минималната плата предизвика раст и на сите плати во земјава. Поради тоа, просечната плата е во постојан раст и е неверојатно блиску до 500 евра. Според податоците на Државниот завод за статистика, просечната плата сега го достигна нивото од 28.540 денари.
Освен растот на платите, Владата се заложи и за подобрување на условите за живот на сите граѓани, па така во овие пет години има раст и на социјалната помош за цели 300 отсто.
И се ова се случува во период кога земјава, но и целиот свет е зафатен од пандемија на коронавирусот, кога многу економии крахираа и не го издржаа притисокот. Со вистинските и навремени мерки, Владата излезе во пресрет на бизнисите, но пред се на граѓаните за време на кризата предизвикана од коронавирусот со што се спасија работните места и се помогна во побрзо заздравување на економијата.
Од почетокот на кризата Владата донесе шест економски пакети на мерки за поддршка на дејностите кои беа целосно затворени со цел превенирање на ширењето на коронавирусот во текот на месец април 2021, како и за подобрување на ликвидноста на компаниите кои инвестираат во текот на 2021 година.
Сепак, дури и во време на криза, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во борба за ситнополитички поени се одлучи да го блокира носењето на дел од овие мерки во Собранието на Република Северна Македонија.
„Сега му текна на господинот Мицкоски дека патриотизмот бил нови инвестиции, нови работни места, добро утро господине Мицкоски, ние веќе го правиме тоа, работевме кон плаќање придонеси, кон зголемување на просечната и минималната плата, враќање пари од мој ДДВ, тоа е вистинскиот пат инвестирање во луѓето и граѓаните, а не во спомениците“ кажа премиерот Зоран Заев.