Уапсениот дипломат Миленкоски бара да му се суди во Македонија

Македонскиот дипломат Миле Миленкоски, еден од обвинетите во скандалот „Ерменска врска“, бара да му се суди во Македонија. Ваквата желба тој, освен до македонските власти, ја изразил и во писмо испратено до редакцијата на „Слободен печат“ од негови блиски во кое вели дека е невин и дека од доказите кои му биле испратени од Ерменија немало ништо против него.

Миленкоски во моментов се наоѓа во притвор во Врање, каде српските власти пред еден месец го упасија по ерменска потреница.

„Копија од доказите е доставена до надлежните институции во РСМ. Верувам дека РСМ е правна држава и, оттаму, верувам дека надлежните ќе покренат брза постапка, со оглед на фактот дека во доказите за случајот се опфатени 7 лица, од кои 6 се државјани на РСМ. Притоа, РСМ би побарала од Република Србија да бидам префрлен во РСМ. На овој начин правдата би била задоволена и случајот комплетно разрешен, што е моја најголема желба во моментов“, пишува Миленкоски.

Вмешаниот дипломат вели дека жали што со неговиот случај бил нарушен и угледот на државата и министерството за надворешни работи.

Но, ниту една македонска инситуција засега не потврдува дека Миленкоски бара екстрадиција во Македонија за тука да му биде и судено, како и тоа дека докази од ерменски истражни органи биле испратени до нашата држава.

Од МНР, каде Миленкоски е вработен, засега потврдуваат дека по повод случајот е направена само вонредна проверка на безбедносните сертификати, велат дека се ненадлежни за се друго и упатуваат на други институции.

Од министерството за првада исто така велат дека за овој случај кај нив нема примено никаков материјал.

„До секторот за меѓународна правна помош при Министерството за правда до овој момент нема пристигнато барање од надлежен суд или обивнителство за екстрадиција за лицето за кое прашувате“, ни одговорија од правда.

Иако ги прашавме за случајот, одговор не добивме и од македонското обвинителство.

Од ерменското обвинителство пак, за мкд.мк велат дека се води случај против дипломатот Миленкоски, потоа македонскиот бизнисмен Бранислав Димитријевиќ кој е во екстрадициски притвор во Хрватска, но и други македонски државјани. Обвинението е за измама и нелегално преминување на граница со помош на македонски дипломати. Од Ерменија не потврдуваат дали Миленкоски има врска и со бегството на Левон Саркисијан, брат на поранешниот ерменски претседател, обвинет за корупција заедно со македонскиот бизнисмен.

Треба да знаете
Последни објави