Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со кандидатот за градоначалник за Брвеница Мирко Стојановски и советниците предводени од носителката на кандидатската советничка листа, Светлата Стаматовска денеска го презентираа пред жителите “Најдоброто во Брвеница”.
Претседателот Заев во своето обраќање до граѓаните истакна дека продолжуваат инвестициите во комуналната инфраструктура со реконструкција на улиците, локалните и полски патишта, водоводите и канализациите, и покрај тоа што беа наследени општини заглавени во долгови, без визија за иден развој.
“Ние подадовме рака на општините и за четири години ги кренавме на нозе и денес тие се подготвени да се натпреваруваат меѓу себе, која поквалитетно и побрзо ќе го донесе Најдоброто за своите граѓани. Мирко покажа дека гради општина за сите, во којашто сите имаат еднакви шанси за успех. Со поддршката што ја има од централната власт направи многу, а ќе направи уште повеќе и ќе успее во Најдоброто. Знаете дека Мирко Стојановски работи на Брвеница како општина со европски вредности, сака, знае и може трендовите на развојна економија од централно ниво да ги пренесе и во општина Брвеница – и јас и коалицијата „Најдоброто за мојата општина” му веруваме”, рече претседателот на СДСМ Заев.
Тој подвлече дека во изминатите четири години реконструирани се повеќе локални патишта, меѓу кои патот Милетино – Челопек, собирната улица во с. Челопек, општинскиот пат до с. Трново, општинскиот пат од с. Милетино до с. Блаце, како и капитални проекти како изградба на основно училиште во општина Брвеница, изграден систем за одведување отпадни води за населените места Брвеница и Долно Седларце, изградба на детска градинка со капацитет за 80 деца.
“Ние сме фокусирани на услуги за граѓаните, а не на злоупотреба на парите на граѓаните. Така и ќе продолжиме, во следните четири години. Ќе биде комплетно завршена канализациската мрежа, а заокружувањето на проектот ќе биде од големо значење за општината и за граѓаните кои нема повеќе да плаќаат за празнење на септичките јами. Проектот ќе го реши проблемот на околу 16.000 граѓани од оваа општина. Ќе биде изградена клучката за излез и влез кон Скопје од голема важност за општината со што ќе се реши прашањето со сообраќајниот метеж”, рече претседателот Заев и додаде дека е планирана и реконструкција и изградба на постоечкиот, инаку руиниран систем за наводнување кој ќе биде ставен во функција, со што ќе се олесни на земјоделците во проблемот со наводнувањето.
“Знаете дека силно сме посветени на рамномерниот регионален развој и дека за нас нема делби и поделби по ниту една основа. Така ќе продолжиме да работиме. И вие знаете, ова е Најдоброто. 12 за нов градоначалнички мандат на Мирко Стојановски. Ве повикувам да заокружиме сите 12 на изборите на 17 октомври”, заклучи претседателот Заев.