Реал Мадрид го забележа првиот пораз во Ла Лига оваа сезона, „кралевите“ загубија на гостувањето кај Еспањол, повратникот во елитата кој го изненади фаворитот и славеше со 2-1. Ова е второ изнанадување за фановите на Реал, по шокантниот пораз од Шериф во Лигата на шампиони.
Повратникот во елитата поведе во 17. минута, детето на Реал Мадрид, Раул Де Томас одлично се снајде, дојде до една топка на првата статива, го матираше Куртоа за 1-0 и не се штедеше при прославата.
По еден час игра, домаќините поведоа со 2-0, Алеш Видал тргна од половина терен, лесно се ослободи од Начо и реализираше за зголемување на предноста.
Карим Бензема погоди за 2-1 во 71. минута, но тоа беше се што сторија „кралевите“ кои на крајот мораа да се помират со прв пораз во Ла Лига оваа сезона.
Фудбалерите на Реал Сосиедад имаат за што да жалат бидејќи испуштија „златна“ шанса да го преземат врвот на шпанската Примера во пресрет на репрезентативната пауза. Сепак, екипата од Баскија одигра нерешени 1-1 со Хетафе на „Алфонсо Перез“.
По ремито, Реал Сосиедад се израмни со Реал и Атлетико на по 17 бода, но поради најлоша гол разлика е трет на табелата.