Тренерот на англискиот фудбалски прволигаш Ливерпул, Јирген Клоп (54), изјави денеска дека одбивањето да се прими вакцина против коронавирус е слично на возење автомобил во алкохолизирана состојба, бидејќи претставува загрозување на здравјето на другите.
Говорејќи околу вакцинацијата, германскиот тренер рече оти не разбира како вакцината против коронавирус во очите на антиваксерите може да се гледа како „ограничување на слободата”, наведувајќи дека 99 отсто од фудбалерите на Ливерпул се вакцинирани, пренесуваат британските медиуми.
– Ако кажам дека сум вакциниран, другите луѓе велат „Како можеш да ми кажеш дека треба и јас да се вакцинирам?”. Знаете, тоа во извесна смисла е како возење во пијана состојба. Сите некогаш сме биле во ситуацијата да сме се напиле едно или две пива, мислејќи дека можеме да возиме автомобил, но законот вели дека тоа не е дозволено, и затоа не возиме. Но, тој законот постои не за да ме заштити мене поради тоа што сум се напил две пива и сакам да возам. Законот е тука за да ги заштити другите, бидејќи јас сум пијан, изјави Клоп.