„Во Долно Лисиче претстои подобрување на основната инфраструктура: водоводна мрежа на улица „12“, обнова на улица „2“, како и ново улично јавно осветлување“, ова го истакна Александар Филиповски, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Аеродром, во денешната изјава за медиуми.
По она што може да се забележи на терен, инфраструктурата во оваа населба е дотраена и реални се потребите за нови инфраструктурни зафати на сообраќајниците, водоводната и канализационата мрежа.
Филиповски рече дека ќе се заложи и за изградба на спортската сала во подрачното училиште „Гоце Делчев“. Во делот на уредувањето на јавните простори, ќе се пристапи и кон нивно раззеленување, како и реконструкција на спортските игралишта.
- Потребата од реорганизација на комуналните служби е воочлива и во Долно Лисиче. Затоа и тука ќе го подигнеме нивото на јавна хигиена. Преземаме одговорност за почисти улици и јавни површини, напомена кандидатот за градоначалник.
Во овој дел од Аеродром очигледен е и проблемот со аерозагадување. Од таа причина, за жителите предвидени се субвенции за набавка на печки за греење на еколошки горива. На овој начин, домаќинствата ќе добијат поддршка за да ги променат своите грејни тела, да имаат пониски трошоци, но и да придонесеме кон помало аерозагадување.
Кандидатот Филиповски и кандидатите за советници денеска ќе имаат и повеќе средби со граѓани во Долно Лисиче. Тие ќе организираат и еко – акција за засадување на нови дрвја во овој дел од општината.