На настанот во атарот на село Теново, во Општина Брвеница, премиерот Заев, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа и од директорката на ЈП „Национални шуми” Јулиана Николова, истакна дека со почетокот на поволните временски и сезонски услови започнаа активностите за успешна реализација на оваа програма.
„Со интензивното спроведување на програмата за пошумување ќе ги обновиме зелените површини, а со тоа ќе се допринесе и за подобрување на состојбата на земјиштето, за намалување или сопирање на ерозивните процеси. Владата ќе го следи активно овој процес и во секој момент, доколку се покаже за потребно, ќе учествува во дополнување на програмата на Јавното претпријатие „Национални шуми” за посеопфатна и целосно успешна реализација на пошумувањето”, нагласи премиерот Заев.
Заев додаде дека ова е почеток на исполнување на нашата обврска и грижа за поддршка на процесите на пошумување на обесшумените површини и за зголемувањето на зелените површини кои се од огромно значење за зачувување на биодиверзитетот, за здравјето на населението, и за ублажување на ерозивните процеси и поплавите.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа истакна дека министерството го следи европскиот тренд кој е насочен кон еколошки мерки, користење на енергија од обновливи извори и рационално користење на природните ресурси како и нивно континуирано обновување.
„Грижата за шумскиот фонд, одгледувањето и рационалното користење, спречувањето на дивата и непланска сеча на шумите, обезбедува нивно трајно зачувување во насока на одржлив развој и унапредување на животната средина. Со денешниот симболичен почеток на пошумувањето овде во село Теново, означуваме почеток на сезоната на пошумување. Во периодот кој следи, ќе се пошумуваат и други локации согласно планот кој Национални шуми го изготвија во соработката со Владата”, посочи во својата изјава министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа.
Директорката на ЈП „Национални шуми” Јулиана Николова во својата изјава истакна дека садниците за пошумување се од домашно производство и ги исполнуваат потребните стандарди за успешно пошумување со цел обновување на овој наш важен природен ресурс, на сите површини кои во минатото биле деградирани, опожарени или зафатени со процесите на ерозија.