Социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа официјално го најави своето почнување на активности кои ќе го подобрат животниот стандард и работа на неформалните собирачи на отпад и ќе ја подобрат состојбата на животната средина во Република Северна Македонија.
На настанот ,,Open day with REDI Recycling”, во присуство на министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и на министерот и просторно планирање, Насер Нуредини, социјалното претпријатие ја промовираше својата стратегија и визија за вклучување на Ромите во зелената економија. Осверн министрите, на отворање на социјалното претпријатие присуствуваа и амбасадорот на Австрија, Георг Вутсас и Шефот за развојна соработка во СИДА, Микаел Атерхог.
„РЕДИ Рециклажа воспоставува систем за примарна селекција на отпад преку мапирање на станбени згради во Општините Аеродром и Карпош, со отворање јавен повик со линк за пријавување: https://forms.gle/eYMcPMHVz265s4Jx6 Пријавените згради ќе добиваат канти за селектирање отпад (пластика и хартија), додекас социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа ќе врши навремено сервисирање, празнење на кантите со помош на електрични трицикли и организирани, формализирани собирачи коишто ќе бидат вработени во социјалното претпријатие на РЕДИ”, објасни Асиб Зекир, извршен директор на РЕДИ Рециклажа.
За министерката Шахпаска, ова социјално претпријатие е многу важно и очекува да ја оствари својата мисија – Ромите од Северна Македонија да бидат дел од зелената економија, да добијат заштита како собирачи на отпад и да го формализираат своето работење и препознавање во системот. Поради важната улога на овие социјални претпријатија за општеството, Министерката информираше дека Владата усвоила Национална стратегија за социјално претприемништво за периодот 2021 – 2027 година и акциски план за првите две години за спроведување на националната стратегија со социјално претприемништво.
„До крајот на наредниот месец ќе се отвори првиот центар за поддршка на социјалните претпријатија, со основна задача да ги гради капацитетите на социјалните претпријатија во државата, да воспоставува соработка со бизнис секторот, со локалната самоуправа меѓутоа и со националните институции”, објасни Шахпаска.
За министерот за животна средина и просторно планирање, Нуредини, собирачите на секундарни суровини играат важна улога во управување со отпад поради тоа што 80-90% од рециклираниот отпад е собран од неформалните собирачи.
„Социјалните претпријатија се одлична алатка за вклучување на неформалниот сектор во системот за управување на отпад. Нивното развивање може да го подобри управувањето на отпад, да создаде одржлив начин на функционирање на досегашните неформални собирачи и со тоа да придонесе кон подобрување на нивната материјална и социјална положба и подобрување на животната средина. Иницијативата на РЕДИ дава можност неформалните собирачи да се организираат и да влезат во формалниот систем за отпад”, заврши Нуредини.
Во наредните 4 недели, социјалното претпријатие РЕДИ Рециклажа, Здружението Гоу Грин и Пакомак ќе го промовираат повикот за мапирање на згради и овозможат на граѓаните на Скопје да бидат дел од иницијативата за селектирање на отпад.
Линк за пријава на повикот: https://forms.gle/eYMcPMHVz265s4Jx6
РЕДИ Скопје, со финансиска поддршка од Канцеларијата за Ромски Иницијативи при Фондацијата Отворено Општество Берлин, ја основа компанијата РЕДИ Рециклажа која што се стекна со лиценца за собирање и транспорт на неопасен отпад, издадена од Министерство за животна средина и просторно планирање.
РЕДИ во соработката со ХЕЛВЕТАС и финансиска поддршка од СИДА, РЕДИ Рециклажа набави електрични трицикли и останата потребна опрема предвидена во првите две фази на работење.
РЕДИ во партнерство со Европската канцеларија за животна средина и UMWELT Dachverband од Австрија спроведуваат проект финансиран од Министерството за Социјална работа, Здравство и заштита од Австрија, за креирање Методологија за развивање на капацитетите на собирачите на секундарни суровини согласно нивните потреби мапирани на терен.