Велимир Смилевски, актуелниот градоначалник и кандидат за нов, втор мандат за прв човек на Општина Бутел раскажува во интервју за 24 Инфо како го поминува денот, кој е прилично долг со оглед на обврските и поради неговата навика рано да станува.
Корпулентниот Смилевски, кого не е тешко да го препознаете во групата луѓе, како и секој човек има свој ритуал и обврски кои не ги занемарува во секојдневното семејно живеење со сопругата Маја и двата сина Александар (16) и Марин (14 ). Како „петти“ член на семјството Смилевски е кучето Руби од расата „бишон“, кое не може да ја сокрие возбудата кога е во друштво на комплетното семејство во домот во населбата Радишани.
Велимир за себе вели дека е ранобудник. Не му е потребен аларм за да стане наутро од креветот и да им се посвети на обврските. Тие се многубројни и од различна природа. Неговата прва задача изминативе четир години како „татко“ на Бутел е да ги менаџира работите и на сограѓаните да им создава достојни урбани услови и пријатно опкружување во секојдневното живеење.
-Не сум по спиењето. Доволни ми се неколку часа во текот на ноќта и можам нормално да функционирам. Така сум навикнат. На нога сум секој ден од шест часот наутро. Обврските не ми се товар. Работам од мали нозе.
Каков е утринскиот ритуал со кој го започнува секој ден?
-Денот го почнувам со чај, од нане. Пијам и кафе, но подоцна во текот на денот. Си го приготвувам сам или тоа го прави сопугата. Обврските надвор од домот ми почнуваат со првата прошетка на Руби. На работното место речиси секогаш сум прв пристигнат. Така беше и кога бев посветен целосно во приватниот бизнис.
Колку време им посветува на работните обврски во текот на денот?
-Целиот ден сум активен. И кога ќе завршам со обврските, ќе се приберам дома, немам навика да легнам и да преспијам. Продолжувам со домашни задачи. Преку недела сум задолжен за разнесување на децата на спортски активности, ги посетуваме натпреварите на РК Бутел, или ќе отидам да направам обиколка на мојот приватен бизнис, кој сега е втор план – производство на гуми и гумени елементи.
Колкава е поддршката од семјството во твојот ангажман?
-Голема. Секогаш се покрај мене, а најмногу е помалиот син Марин.
Колку Велимир е подговен да одвои од времето да му возврати на семејството за поддршката која му ја дава?
-Викендите гледам и по можност да ги планирам секогаш да биде резервирани за семјството. Ја користиме секоја можност да излеземе надвор од градот, а кога ќе останеме дома времето го минуваме во дружба, играме забавни игри…
Во кое хоби наоѓа релаксација?
-Љубител сум на стари автомобили – „олд тајмери“. Честопати кога сум напнат знам да отидам и да чепкам нешто околу нив. Тапетарски работи, механика… Тоа најдобро ме опушта и ми го одвлекува вниманието од стресните ситуации.
На крајот од денот ?
-Денот го завршувам како што го почнувам. По првата и последната прошетка на Руби, или како јас ја нарекувам Цици, е мојата активност надвор од домот.