Барди поради повреда ќе ги пропушти натпреварите против Лихтенштајн и Германија

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Енис Барди поради повреда нема да може да се стави на располагање на селекторот Благоја Милевски за квалификациските мундијалски натпревари во групата од евро-зоната на гостувањето против Лихтенштајн (8 октомври) и во Скопје против Германија (11 октомври). Фудбалерот на шпански Леванте не е залечен од повредата на заден бутен мускул здобиена на последниот репрезентативен натпревар против Романија во Скопје.

Милевски нема да повикува друг фудбалер како замена за повредениот Барди.

Македонската репрезентација синоќа во хотел „Хилтон” во Скопје го имаше првиот собир. Во репрезентативната база пристигаа Адис Јаховиќ, Стефан Ашковски, Висар Муслиу, Тихомир Костадинов, Дени Илиев, Стефан Спировски, Кире Ристевски, Дамјан Шишковски и Никола Ѓорѓев. Сите останати повикани за двата натпревари денеска ќе му се приклучат на тимот.

Треба да знаете
Последни објави