Премиерот Зоран Заев апелира до МВР да го објави извештајот во врска со пожарот во модуларната болница во Тетово, бидејќи тој и Владата не можат да дадат наредба на орган кој не е под нивна надлежност, како што e Јавното обвинителство.
– Можам да апелирам час поскоро, по завршување на квалитетна истрага, да се објави, но можам да побарам од МВР, тоа што е делокруг кај нив како орган под состав на владата, да го објават, да го соопштат до граѓаните, затоа што поминуваат неделите и навистина треба да се дадат соодветни одговори, прво за граѓаните, а секако и за нас како Влада да ги носиме соодветните одлуки во врска со понудите оставки на министерот и заменик-министерот за здравство. Знам дека делот на форензиката, вештачењето кое го направи МВР е доставено до Јавното обвинителство и од тој аспект очекувам во следните денови да се објави од страна на МВР тој извештај, а Јавното обвинителство можат да си продолжат со истрагата, изјави Заев.
Во однос на извештајот на германските експерти, Заев рече дека начелно тој се очекува за околу две недели по нивното заминување.
Пожарот во тетовската модуларна болница се случи на 8 септември неколку минути после 21 часот. Во трагедијата, животот го загубија 12 пациенти и две лица кои во моментот биле во објектот.