Неколку часа не функционираат трите најголеми светски социјални мрежи. Станува збор за социјалните платформи Фејсбук, Инстаграм и апликацијата Ватсап. Компанијата Фејсбук која е сопственик на трите платформи во која влегува и апликацијата Месинџер, на социјалната мрежа Твитер призна дека нејзините корисници имаат проблем со пристап до услугите, но не објаснија за причините во прекинот на достапноста. Светските новински агенции во своите анализи за причините за најдолгиот прекин во достапноста на овие мрежи ја гледаат во можна саботажа или пак системска грешка.
„Експертите за безбедност што ја следат ситуацијата велат дека прекинот може да биде предизвикан од грешка во конфигурацијата, што може да биде резултат на внатрешна грешка, иако теоретски е можна саботажа од инсајдер“ се вели во анализата на новинската агенција Ројтерс.
Според анализата на Ројтерс хакирање е помалку веројатно, затоа што масивен хакерски напад кој ќе успее да ја совлада една од најпопуларните социјални платформи во светот бара силна и многу иновативна технологија која чини многу пари.
Во меѓувреме акциите на Фејсбук, кој има скоро 2 милијарди дневно активни корисници, се намалија за 5,5% во попладневното тргување, што се приближи кон најлошиот берзански ден за Фејсбук.
Прекинот, кој ги погоди платформите на гигантот за социјални медиуми околу 17 часот доаѓа на само еден ден откако свиркачот на Фејсбук ја обвини фирмата дека постојано му дава приоритет на профитот. Свиркачот Френсис Хауген во интервју за американската ТВ емисија „ 60 минути “ го обвини Фејсбук дека ги засилувал своите алгоритми за откривање и блокирање на лажни вести под притисок на јавноста, за веднаш штом ќе помине притисокот да се врати „стариот“ слободен систем на ширење секакви информации во име на раст на мрежата.