„Во нашата програма предвидуваме отворање на младински центар на територија на општина Аеродром. Овој простор ќе биде наменет за реализација на работилници, обуки за млади, како и културни настани, изјави Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на општина Аеродром на СДСМ и коалицијата, при денешната презентација на младинските мерки од програмата.
Филиповски се осврна и на потребата од поефикасно спроведување на Законот за младинско учество и младински политики, како и носење на Буџет за млади. Имено, по формирањето на Локалниот младински совет, ќе се подготви и локална стратегија за млади. На овој начи, ќе се мапираат потребите на младите на микро ниво, со цел општината да креира уште поквалитетни политики за младите луѓе.
Една од мерките во програмата се однесува и за младите во социјален ризик и еднородителски семејства. За нив, општината ќе доделува стипендии, со цел да им го олесни секојдневието.
-За да ги поттикнеме младите на поголема физичка активност и придонес кон заштита на животната средина, ќе субвенционираме и еколошки превоз за млади. Во рамки на редовните јавни повици за субвенционирање на велосипеди и тротинети, ќе се воведе и квота за млади до 29 години, рече Филиповски.
Кандидатот за градоначалник се обврза дека ќе негува континуирана двонасочна комуникација со младите и претставниците на младинските организации. Со ова, ќе се придонесе и за поголемо учество на младите во процесот наодлучување.