Тајното богатство и бизнисите на светските лидери, политичари и милијардери се откриени во едно од најголемите протекувања на финансиски документи. Околу 35 сегашни и поранешни лидери и повеќе од 300 функционери се поврзани со документи од офшор компании наречени „Пандорини документи”.
Бројни лидери, вклучувајќи го и чешкиот премиер, кралот на Јордан и претседателите на Кенија и Еквадор, сокриле средства во офшор компании за да избегнат данок, покажа истрагата објавена синоќа од страна на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ).
Истрагата во која беа вклучени 600 новинари, наречена „Пандорини документи”, врз основа на околу 11,9 милиони документи од 14 компании за финансиски услуги, откри повеќе од 29.000 офшор компании. ИЦИЈ откри врски помеѓу офшор средства и 336 лидери и политички претставници кои формирале 1.000 компании, од кои повеќе од две третини се на Британските Девствени Острови.
Според овие документи, јорданскиот крал Абдула Втори. основал најмалку триесет такви компании во даночни раеви и преку нив купил 14 луксузни имоти во САД и Велика Британија за повеќе од 106 милиони долари. Тие, исто така, покажуваат дека поранешниот британски премиер Тони Блер и неговата сопруга заработиле 360.000 евра со затајување данок на имот кога купиле канцеларија во Лондон со купување на офшор компанија која ја поседувала зградата.
Документите го поврзуваат рускиот претседател Владимир Путин со недвижен имот во Монако и откриваат дека чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој следната недела учествува во изборна трка, не пријавил офшор инвестициска компанија преку која купил две вили во јужна Франција за 22 милиони евра.
Во документите го има и поранешниот француски министер и некогашен директор на Меѓународниот монетарен фонд Доминик Штраус-Кан Еквадорскиот претседател Гиљермо Ласо инвестирал во два фондови со седиште во Јужна Дакота.
Како што пренесува утрово РТЦГ меѓу документите е и името на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и членови на неговото семејство. Вања Чаловиќ Марковиќ и Дејан Миловац пишуваат дека Мило и Блажо Ѓукановиќ склучиле тајни договори за управување со нивниот имот во 2012 година, криејќи се зад комплицирана мрежа на поврзани компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар. Синот на претседателот на Црна Гора ја искористил оваа структура за да формира две скриени компании со фирми-ќерки во Лондон и Црна Гора.
Меѓу документите што ги проучуваа истражувачките новинари на МАНС, пронајдени се заверени копии од договорот за собирање средства што Мило и Блажо Шукановиќ го склучиле на 21 јуни 2012 година со CM Skye 2 (PTC) Limited, регистриран на Британските Девствени Острови.
Од договорот може да се види дека Ѓукановиќ го формирал Victoria Trust, а неговиот син Capecastel Trust. Тие наведуваат минимален основачки влог и прецизираат дека во фондовите, во кој било момент можат да бидат внесени имоти од самите основачи и од други лица. Фондовите се воспоставени за период од 80 години, а компанијата што управува со нив е овластена да купува и продава недвижен имот и компании во име на Ѓукановиќ, да отвора нови компании и жиро сметки, да дава и зема заеми и да извршува разни други задачи. Дека навистина станува збор за претседателот на Црна Гора и неговиот син покажува и заверената документација што била приложена при формирањето на фондовите – дипломатскиот пасош на Мило Ѓукановиќ и сметката за вода од неговата адреса во Подгорица, која служела како доказ за престој. Неговиот син доставл црногорска лична карта и фактура за изнајмување стан во Лондон, пишува МАНС.
Во документите е и името на актуелниот министер за финансии на Србија и поранешен градоначалник на Белград Синиша Мали.
Новинарите од КРИК и мрежата OCCRP во 2015 година открија дека Синиша Мали, купил 24 луксузни апартмани во бугарското летувалиште Свети Никола на Црното Море. Вредноста на становите била околу пет милиони евра. Мали ги обвини дека лажат и призна дека купил еден стан, оној што бил регистриран на негово име.
Српскиот претседател Александар Вучиќ со години го брани својот близок соработник од сомненија за вмешаност во корупција, исто така, тврдејќи дека КРИК лаже. – Имам апсолутна доверба во министерот Синиша Мали, рече Вучиќ претходно оваа година.
Но, како што пишува КРИК, Пандорините документи докажаа дека Синиша Мали бил сопственик на станови и две офшор компании. Мали ги купил становите во 2012 и 2013 година, во време кога беше економски и финансиски советник на тогашниот прв вицепремиер на Србија, Александар Вучиќ.
Мали купил 24 апартмани во Бугарија од компанија на Срѓан Дабиќ, поранешен кошаркар и директор на српската филијала на познатата руска нафтена компанија Лукоил.
Мали не одговорил на повикот на новинарите на КРИК за интервју или на деталните прашања што му ги испратиле.
Други звучни имиња се колумбиската пејачка Шакира, германската манекенка Клаудија Шифер и индискиот играч на крикет Сачин Тендулкар.
Тоа е најновото во серијата тајни документи што протекоа во последните седум години, по фајловите FinCen, Рајските документи, Панамските документи и Лукс Ликс.
Во повеќето земји, ваквите постапки не можат да се гонат, но ИЦИЈ ги спореди говорите на политичарите против корупција со нивната инвестиција во даночни раеви. Кенискиот претседател Ухуру Кенијата во неколку наврати изјави дека е подготвен да се бори против корупцијата и ги обврза државните службеници да бидат транспарентни во врска со нивниот имот. Но, „Пандорините документи” откриваат дека кенискиот претседател поседува фондација во Панама, а неколку членови на неговото семејство имаат над 30 милиони долари на офшор сметки.
Американскиот центар за јавен интегритет во 1997 година го основаше ИЦИЈ, кој стана независен ентитет во 2017 година. Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари е независна меѓународна мрежа со седиште во Вашингтон, со повеќе од 200 новинари и 100 медиумски организации во повеќе од 70 земји.
ИЦИЈ стана познат во април 2016 година, по објавувањето на Панамските документи, истрага базирана на околу 11,5 милиони документи од панамска адвокатска фирма. Тогаш ги открија скриените средства на илјадници клиенти на Мосак Фонсека, вклучувајќи и некои познати личности. Документите предизвикаа оставки на исландскиот премиер Сигмундур Давид Ганлаугсон и пакистанскиот премиер Наваз Шариф.
Во ноември 2017 година, ИЦИЈ ги објави Рајските документи врз основа на нов сет документи од друга финансиска компанија, Appleby. Меѓу познатите имиња и истраги за потези за криење на имотот и затајување даноци се принцот Чарлс, шампионот во Формула 1, Луис Хамилтон и компанијата Најки.