Петтото издание на Медиумскиот фестивал Скопје започнува утревечер (5 октомври) во 20 часот, со дискусија посветена на годинешната фестивалска тема „Жените во медиумите“. Истражувачката новинарка Сане Терлинген од Холандија и Елиса Муњос, раководителката на Меѓународната медиумска фондација на жените (IWMF) ќе разговараат за позицијата на жените во медиумската сфера и предизвиците со кои се соочуваат новинарките денес. Богатата фестивалска програма ќе биде презентирана онлајн на Фејсбук страниците на ПИНА и МФС, а македонската публика ќе има можност да проследи и низа филмски остварувања кои преку фестивалската платформа на Cinesquare.net на CutAway и сајтот mfs.mk ќе бидат достапни за времетраењето на Медиумскиот фестивал Скопје, од 5 до 8 октомври 2021 година, како и неколку дена по завршувањето на фестивалот.
Фестивалот што започна како Истражувачки филмски фестивал Скопје, годинава прерасна во Медиумски фестивал Скопје за да вклучи што повеќе теми од променливиот свет на современите медиуми. Годинешната програма повторно вклучува бројни говорници од земјава и странство, а содржи и разни дискусии, работилници и интересна филмска програма.
„Жените во медиумите“ е издание посветено на предизвиците и успесите на жените новинарки и филмаџики, тема која организаторките од ПИНА нагласуваат дека е логичен избор за овој мал фестивалски јубилеј. Од самиот почеток пред четири години, организацијата ПИНА се фокусира на теми поврзани со претставувањето на жените во медиумите, како и позицијата на жените кои работат во медиумската сфера, а како организација нуди и менторски програми за обука на новите генерации новинарки. Во духот на водечката фестивалска тема ќе се анализираат повеќе аспекти поврзани со локалната новинарска сфера, со новинарки од домашната медиумска сцена, а ќе гостуваат и интересни говорнички од повеќе земји.
Публиката ќе може да проследи работилница за продуцирање поткасти каде Сузане Клингнер (Германија) ќе ги воведе учесниците во основните правила за успешен аудио-производ за современиот пазар, а работилницата, како и останатите фестивалски настани е бесплатна за публиката.
На Медиумскиот фестивал Скопје ќе ја видиме и наградуваната Катрин Гишеру (Кенија) која ќе зборува за вмрежувањето новинарки од неколку држави во Африка овозможувајќи им квалитетно известување во време на пандемијата и услови за професионално напредување.
За својот успех ќе говори и младата холандска режисерка Миријам Гутман, чија идеја за студентски краток филм прерасна во документарна серија гледана ширум светот. Нејзиниот серијал „Семе на измама“ ќе се прикажува во рамки на фестивалот. Во богатата филмска програма од дури осум македонски премиери, фокусот е ставен на жената, а се провејуваат и уште неколку актуелни теми. Програмата ги вклучува „Лучадорас“ за жените во боречките рингови во Мексико; „Пејсажи на отпорот“, патување низ спомените на партизанката Соња; „Фемократија“, за подемот на политичарките во Германија; „Игра на сенки“, филм за голготата на бегалците низ Европа, сниман експериментално во тек на три години; „Нејзината социјалистичка насмевка“ за активистката Хелен Келер; „Зад насловите“, ексклузивен увид во работата на истражувачките новинари од „Зиддојче Цајтунг“; „Дипломати на продажба“ за злоупотреба на дипломатски пасоши; краткиот „Драг-манифест“ и холандскиот добитник на „Еми“ и кандидат за „Оскар“ за најдобар документарен филм „Ме викаат Бабу“.
Медиумскиот фестивал Скопје е настан во организација на ПИНА – Платформата за истражувачко новинарство и анализи, кој годинава се реализира во партнерство со Канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт Скопје како и Холандската амбасада во Скопје, заедно со поддржувачите УНХЦР Скопје и меѓународната организација Цивил Рајтс Дефендерс.