Афера „Пандорини документи”: Протекоа 11 милиони документи, откриени финансиски тајни на светската елита

Тајното богатство и бизнисите на светските лидери, политичари и милијардери се откриени во едно од најголемите протекувања на финансиски документи. Околу 35 сегашни и поранешни лидери и повеќе од 300 функционери се поврзани со документи од офшор компании наречени „Пандорини документи”.

Бројни лидери, вклучувајќи го и чешкиот премиер, кралот на Јордан и претседателите на Кенија и Еквадор, сокриле средства во офшор компании за да избегнат данок, покажа истрагата објавена во неделата од страна на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ).

Истрагата во која беа вклучени 600 новинари, наречена „Пандорини документи”, врз основа на околу 11,9 милиони документи од 14 компании за финансиски услуги, откри повеќе од 29.000 офшор компании. ИЦИЈ откри врски меѓу офшор средства и 336 лидери и политички претставници кои формирале 1.000 компании, од кои повеќе од две третини се на Британските Девствени Острови.

Според овие документи, јорданскиот крал Абдула Втори основал најмалку триесет такви компании во даночни оази и преку нив купил 14 луксузни имоти во САД и Велика Британија за повеќе од 106 милиони долари.

Кралот на Јордан веднаш демантираше дека направил каков било престап при купување на луксузни куќи во странство, истакнувајќи дека за трансакциите во висина од околу 100 милиони долари од безбедносни причини и оти не се користени јавни фондови.

Објавените детали се удар за кралот Абдула Втори, бидејќи Владата на Јордан се соочи со скандал оваа година, откако полубратот на кралот, поранешен престолонаследник, принцот Хамза, го обвини владејачкиот систем за корупција и неспособност.

„Пандорините документи”, исто така, покажуваат дека поранешниот британски премиер Тони Блер и неговата сопруга заработиле 360.000 евра со затајување данок на имот кога купиле канцеларија во Лондон со купување на офшор компанија која ја поседувала зградата.

Документите го поврзуваат рускиот претседател Владимир Путин со недвижен имот во Монако и откриваат дека чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој следната недела учествува во изборна трка, не пријавил офшор инвестициска компанија преку која купил две вили во јужна Франција за 22 милиони евра.

Премиерот на Чешка го оцени овој истражувачки проект како заговор смислен за тој да не победи на парламентарните избори, кои се закажани на 8 и 9 октомври.

Тој негира дека направил нешто незаконско при купување на луксузен недвижен имот во Франција преку наменски формирани компании во таканаречените даночни оази.

– Чекав да видам што ќе извлечат непосредно пред избори да ми нанесат штета и да влијаат врз чешките избори. Сега се работи за случај стар 12 години. Во него е јасно дека не направив ништо противзаконски ниту лошо, но тоа не ги спречува да ме плукаат и така да влијаат врз чешките избори, истакна Бабиш.

Во документите го има и поранешниот француски министер и некогашен директор на Меѓународниот монетарен фонд Доминик Штраус-Кан Еквадорскиот претседател Гиљермо Ласо инвестирал во два фонда со седиште во Јужна Дакота.

Како што пренесува РТЦГ, меѓу документите е и името на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ и членови на неговото семејство. Вања Чаловиќ Марковиќ и Дејан Миловац пишуваат дека Мило и Блажо Ѓукановиќ склучиле тајни договори за управување со нивниот имот во 2012 година, криејќи се зад комплицирана мрежа на поврзани компании од Велика Британија, Швајцарија, Британските Девствени Острови, Панама и Гибралтар. Синот на претседателот на Црна Гора ја искористил оваа структура за да формира две скриени компании со фирми-ќерки во Лондон и Црна Гора.

Меѓу документите што ги проучуваа истражувачките новинари на МАНС, пронајдени се заверени копии од договорот за собирање средства што Мило и Блажо Ѓукановиќ го склучиле на 21 јуни 2012 година со CM Skye 2 (PTC) Limited, регистриран на Британските Девствени Острови.

Од договорот може да се види дека Ѓукановиќ го формирал Victoria Trust, а неговиот син Capecastel Trust. Тие наведуваат минимален основачки влог и прецизираат дека во фондовите, во кој било момент можат да бидат внесени имоти од самите основачи и од други лица. Фондовите се воспоставени за период од 80 години, а компанијата што управува со нив е овластена да купува и продава недвижен имот и компании во име на Ѓукановиќ, да отвора нови компании и жиро сметки, да дава и зема заеми и да извршува разни други задачи. Дека навистина станува збор за претседателот на Црна Гора и неговиот син покажува и заверената документација што била приложена при формирањето на фондовите – дипломатскиот пасош на Мило Ѓукановиќ и сметката за вода од неговата адреса во Подгорица, која служела како доказ за престој. Неговиот син доставил црногорска лична карта и фактура за изнајмување стан во Лондон, пишува МАНС.

Во документите е и името на актуелниот министер за финансии на Србија и поранешен градоначалник на Белград, Синиша Мали.

Новинарите од КРИК и мрежата OCCRP во 2015 година открија дека Синиша Мали, купил 24 луксузни апартмани во бугарското летувалиште Свети Никола на Црното Море. Вредноста на становите била околу пет милиони евра. Мали ги обвини дека лажат и призна дека купил еден стан, оној што бил регистриран на негово име.

Српскиот претседател Александар Вучиќ со години го брани својот близок соработник од сомненија за вмешаност во корупција, исто така, тврдејќи дека КРИК лаже. – Имам апсолутна доверба во министерот Синиша Мали, рече Вучиќ претходно оваа година.

Но, како што пишува КРИК, „Пандорините документи” докажаа дека Синиша Мали бил сопственик на станови и две офшор компании. Мали ги купил становите во 2012 и 2013 година, во време кога беше економски и финансиски советник на тогашниот прв вицепремиер на Србија, Александар Вучиќ.

Мали купил 24 апартмани во Бугарија од компанија на Срѓан Дабиќ, поранешен кошаркар и директор на српската филијала на познатата руска нафтена компанија Лукоил.

Мали не одговорил на повикот на новинарите на КРИК за интервју или на деталните прашања што му ги испратиле.

Други звучни имиња се колумбиската пејачка Шакира, германската манекенка Клаудија Шифер и индискиот играч на крикет Сачин Тендулкар.

Најбогатите луѓе во светот, политичари, олигарси, бизнисмени или криминалци имаат скриени богатства во таканаречените „даночни оази” како Бахамите или Белизе, но еден таква дестинација од неодамна станаа и САД, пишува Вашингтон пост.

Како што се наведува во објавата на „Пандорините документи”, најновото и многу пообено новинарско истражување од „Панама документите” пред неколку години, затаената готовина на светската елита и на супер-богатите е во вкупна вредност од 32 трилиони американски долари. Овие пари се неоданочени или мошне малку оданочени, и не вклучуваат недвижности, уметнички дела или скапоцен накит. Сумата е поголема од вкупниот БДП на САД за 2020 година

Истражувањето е спроведено од тим на репортери од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, весникот Вашингтон пост и стотици други репортери низ целиот свет.

– САД со своиите прилично либерали закони во места како Алјаска, Јужна Дакота, Невада или Делавер, воопшто станаа примамлив даночен рај за многу глобални клиенти, наведува весникот.

Такво место во изминатите години станало соузната држава Јужна Дакота.

– Даночен рај може да се смета земја или јурисдикција каде можеш да ги ставиш своите пари и да избегнеш плаќање данок на оние пари таму каде си ги заработил, вели новинарот Крег Милер.

Речиси 12 милиони документи го откриваат сопствеништвото на моќни странски актери, како и на една жена која иако работела ниско платени работи, станала милионерка откако родила дете, наводно по долгогодишна врска со рускиот претседател Владмир Путин. Затоа Светлана Кривоногих, во Русија позната и како љубовницата на Путин, добила милионско сопствеништво, меѓудругото и стан во Монако вреден над шест милиони евра.

Весникот наведува дека кога американските законодавци го дале правото на Јужна Дакота да стане даночен рај, тие сметале дека тоа ќе донесе економски бум и нови работни места во малку развиенета сојузна држава. Новинарите дознале дека државата сепак не постигнала таков развој, а Јужна Дакота станала една од ретките држави во светот со толку либерална регулатива за офшор компании.

Бизнис центарот на градот Суикс Фалс, посебно една зграда, станала адреса на траст компании што менаџираат сметки, многу од нив сомнителни, во вредност од речиси 100 милијарди долари.

-Тоа се странски милионери и милијардери меѓу кои има и такви кои во своите земји се обвинети за махинации, поткупи, експлоатација на работници или нарушување човекови права, наведува весникот. Такви како производителот на сок од портокали Хорс Хапел од Бразил, или Карлос Моралес Тронкосо, поранешен потпретседател на Доминиканска Република, кој упраувал со компанија за производство на шеќер.

Се наведува дека иако американските политичари до неодамна ги критикуваа даночните оази во малите држави поради перење на пари и други криминални дејности, тоа сега всушност се прави и во средиштето на САД.

„Пандорините документи” откриват и како американски државјани вршат преместување на пари на странски сметки додека се под кривична истрага. Весникот го наведуа случајот на Глен Годфри кој оснавал траст компанија за еден наводен убиец, за еден познат педофил, за член на колумбиската мафија од Њујорк, како за конституционалист кој нарачал убиство на судија, на обвинител и на даночен агент.

Во своето истражување, весникот утврдува дека за обвинителите е мошне тешко да ги следат парите на офшор компаниите.

Даночната служба на Австралија (АТО) соопшти дека ќе ги анализира податоците од Пандорините документи и оти ќе ги идентификува сите можни австралиски врски.

АТО соопшти дека има меѓународна соработка, договори и соработка и оти редовно добива информации од различни извори во своите напори за борба против затајување данок и криминал.

Претставник на АТО, Вил Деј истакна дека постојат голем број легитимни причини за некој да има офшор банкарска сметка или структура, но има и такви кои се обидуваат да ги сокријат сопствените интереси или финансиски грешки преку офшор трансакции.

Тоа е најновото во серијата тајни документи што протекоа во последните седум години, по фајловите FinCen, Рајските документи, Панамските документи и Лукс Ликс.

Во повеќето земји, ваквите постапки не можат да се гонат, но ИЦИЈ ги спореди говорите на политичарите против корупција со нивната инвестиција во даночни оази. Кенискиот претседател Ухуру Кенијата во неколку наврати изјави дека е подготвен да се бори против корупцијата и ги обврза државните службеници да бидат транспарентни во врска со нивниот имот. Но, „Пандорините документи” откриваат дека кенискиот претседател поседува фондација во Панама, а неколку членови на неговото семејство имаат над 30 милиони долари на офшор сметки.

Американскиот центар за јавен интегритет во 1997 година го основаше ИЦИЈ, кој стана независен ентитет во 2017 година. Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари е независна меѓународна мрежа со седиште во Вашингтон, со повеќе од 200 новинари и 100 медиумски организации во повеќе од 70 земји.

ИЦИЈ стана познат во април 2016 година, по објавувањето на „Панамските документи”, истрага базирана на околу 11,5 милиони документи од панамска адвокатска фирма. Тогаш ги открија скриените средства на илјадници клиенти на Мосак Фонсека, вклучувајќи и некои познати личности. Документите предизвикаа оставки на исландскиот премиер Сигмундур Давид Ганлаугсон и пакистанскиот премиер Наваз Шариф.

Во ноември 2017 година, ИЦИЈ ги објави Рајските документи врз основа на нов сет документи од друга финансиска компанија, Appleby. Меѓу познатите имиња и истраги за потези за криење на имотот и затајување даноци се принцот Чарлс, шампионот во Формула 1, Луис Хамилтон и компанијата Најки.

Треба да знаете
Последни објави