Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека попладне ќе се сретне со претставници на Здружението на преработувачи при Стопанската комора на Северна Македонија кои вчера предупредија дека ќе има драстично поскапување на храната.
Битиќи денеска изјави дека ги следат состојбите и оти доколку е потребно, ќе се интервенира. Не сакаше да открива повеќе детали се додека не ги слушне аргументите.
– Ги следиме состојбите и таму каде треба да се интервенира, ќе интервентираме, но во овој момент не би сакал да кажам какви се мерки евентуално би донеле во одреден временски период бидејќи различно се толкуваат пред се поради предизборниот период и заради тоа што станува збор за мерки кои бараат дополнителни анализи од наша страна. Да ги слушнеме нивните аргументи и потоа ќе можам да дадам повеќе детали, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања по денешната прес-конференција во Владата.
Според премиерот Зоран Заев, најавите за поскапување на храната до 50 проценти се претерани. Инфлацијата, како што посочи е на контролирачко ниво од 2,7 проценти, а цената на струјата учевствува во цената на производите на просечно ниво не повеќе од три проценти.
– Претерано е кажувањето дека 50 проценти ќе пораснат цените. Тоа апсoлутно не е точно. Инфлацијата во државата е контролирачка и е до 2,7 проценти. Цената на струјата е главен индикатор за покачување на цените, но таа учествува во цената на производите на просечно ниво не повеќе од три проценти. Берзанскките цени на струјата секако ќе предизвикаат одредено влијание врз цените на продуктите, но инфлација од 2,7 проценти е нешто што е контролирачко и во рамки на дозволеното, рече Заев, додавајќи дека Владата би интервенирала, доколку има потреба од тоа.
Промените на светско ниво и на европските пазари, како што рече Заев, се одразуваат и кај нас бидејќи нашата економија е отворена.