Со усвојување на Извештајот за работа на Советот на општина Карпош во периодот 2017-2021 година, советниците на Карпош ја одржаа последната седница на овој претставнички орган на граѓаните во постојниот советнички мандат.
Во минатите четири години, како што нагласи претседателката на Советот, проф. Д-р Наташа Пеливанова, советниците на Карпош, во интерес на граѓаните, на 62 седница, усвоиле 1.403 акти. За периодот октомври 2017, септември 2021 објавени се 61 службен гласник од одржани седници и 27 службени гласници надвор од одржани седници, или вкупно 88 гласници во кои се трајно документирани сите одлуки и документи од интерес на жителите на локалната самоуправа, а воедно и што ја отликуваат работата и придонесот на советниците за развој и демократизација на општината.
-Преку отворена и конструктивна дебата во рамките на Советот, придонесовме Карпош да биде најтранспарентна општина во државата. Денеска е вратена довербата на граѓаните во локалната самоуправа, нешто што отсуствуваше пред четири години, изјави во своето последно обраќање до овој советнички состав градоначалникот на Карпош Стефан Богоев. Немавме тензични седници на Совет каде што се одеше против интересите на граѓаните. Кога нешто не беше во ред и постоеја дилеми, знаевме да го повлечеме предлогот и дополнително да го разгледаме. Важно е што секогаш бевме единствени околу работи кои беа важни за граѓаните. Голем дел од мандатот помина и во ек на пандемија. Советот беше тело кое овозможи поддршка за најранливите. Преку Советот доделивме средства на Црвениот крст, за организација на мобилни тимови за поддршка на граѓани во изолација. Преку ова претставничко тело на граѓаните, обезбедувавме и дополнителна ИТ опрема за основните училишта; средства за дезинфекција на градинките; помагавме на граѓани во социјален ризик; домаќинства кои претрпеле материјална штета; жители кои беа соочени со болести, истакна Богоев кој порача дека „ секој еден од нас, од вас, треба да биде горд на постигнатото во овој мандат“.
Со пригодни зборови за работата и соработката во изминатите четири години се обратија и координаторите на советничките групи застапени во Советот на Општина Карпош и од опозицијата и од власта.