Заев: Нема причина да ги прифатам оставките на Филипче и Хасани

Премиерот Зоран Заев не ги прифати оставките на министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот Илир Хасани за пожарот во модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица. Тој рече дека тие спасиле илјадници животи со нивниот ангажман, по што посочи, дека затоа им ја дава довербата.

-Внимателно ги прочитав наодите на истражителите од вештачењето кои беа објавени денеска. Нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорноста кај Филипче и Хасани кои од морални причини поднесоа оставки од функциите, рече Заев на прес-конференцијата пред Владата.

Заев кажа доколку се утврдат евентуални грешки од човечки фактор, тогаш надлежни се органите кои го истражуваат случајот.

-Останувам на ставот дека нема да дозволам политизирање на несреќата. Политичарите нема да го толкуваме извештајот. Откриена е причината, и таа е јасна. Веднаш дадов насока до министереството да се засилат контролите до сите модуларни болници. Сега треба контроли за да не се повтори вакво нешто и на друго место. Се случи трагедија и нема бегање. Болката и тагата е присутна кај сите граѓани. Наша должност како политичари да не им ја правиме трагичната загуба на семејствата уште потрагична. И да обезбедиме здравствена заштита за сите граѓани. На сите им треба систем кој ќе ги заштити во време на пандемија. Затоа треба да гледаме подалеку од денес, подалеку од утре. Филипче и Хаасани направија големи чекори за здравството и заштитата на граѓаните во оваа пандемија, и затоа им ја давам довербата и понатаму да го водат здравствениот систем, рече Заев.

Јавното обвинителство денеска ги објави причините за пожарот во модуларната болница.

– Со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат, се вели во соопштението на ОЈО.

Треба да знаете
Последни објави