Премиерот Зоран Заев вели дека се претерани прогнозите за пораст на цените на храната до крајот на годината и до 50 проценти и дека граѓаните не треба да стравуваат.
„Тоа не е точно. Инфлацијата во државата е контролирана и таа е до 2,7 отсто и тоа е на контролирано ниско ниво. Чувствутелно е кога инфлацијата се чувствува над 10, 15, 20 проценти и тоа е факт. Ние не можеме да бидеме изолирани од настаните во светот. Отворен пазар сме и зависни од европските пазари и надвор од Европа. Цената на струјата е главен индикатор за покачување на цените на производите на просечно ниво, не повеќе од 3 проценти. Главен индикатор е берзанските цени на струјата, и тоа ќе предизвика нормално одредено влијание врз цените на продуктите, но 2,7 проценти е нешто што се контролира и е во рамките на дозволеното. Се’ што ќе помине ќе биде изненадување. Владата е тука за да помогне“, изјави Заев.
Во однос на цената на струјата, Заев рече дека цената е утврдена од Владата, разликата кон ЕСМ тие ја покриваат, а ДДВ-то е намален од 18 на 5 проценти, така што се преземани сите чекори за цената да остане стабилна за граѓаните и за домаќинствата.
Истакна дека е даден налог за вклучување на трет блок на РЕК Битола, со цел креирање на политики на комплетно менаџирање и кон компанииите и јавните институции. Тоа значи употреба на 1,8 милион тони јаглен за дополнително производство на електрична енергија. Сите обновливи извори на енергија исто се добредојдени, рече Заев.