Кондовски: Битолските училишта ќе бидат енергетски ефикасни, модерни и безбедни 

Учениците заслужуваат здрава околина и квалитетно воспитно – образовен процес кој ќе се одвива во современи услови. Тие се нашата иднина во која мора континуирано да инвестираме. Со овие зборови кандидатот на СДСМ и коалиционите партнери за градоначалник на Општина Битола, Христо Кондовски најави серија значајни инвестиции во битолските училишта.

 

” Во правец на унапредување на условите во битолските училишта најавувам заокружување на процесот на реконструкција на средните и основните училишта во Битола и подигнување на енергетската ефикасност на училишните згради, поставување на енергетски ефикасни фасади и дограми, фотоволтаици на покривот на училиштата секаде каде тоа е можно, како и промена на греењето во образовните институции”, рече Кондовски.

На овој начин ќе се придонесе за почиста животна средина и  ќе се намалат трошоците за електрична енергија. Вредноста на инвестицијата ќе изнесува 500.000 евра, изјави Кондовски и додаде :

“ Со проектот “Училиште на 21 век” ќе се опремат сите кабинети по информатика со нова ИТ опрема – деск топ компјутери, интерактивни табли, принтери, со цел да се развиваат дигиталните вештини кај учениците.  Вредноста на проектот изнесува 50.000 евра кои ќе се обезбедат од средства на буџетот на општината и други извори, како донации и проекти. Ќе се отвори и Центар за работа со талентирани ученици. Проектот  Првенец на генерација, пак, предвидува во месец јуни градоначалникот да направи заедничка средба со сите првенци на генерација од деветто одделение на ниво на Општина Битола и да им додели вредносен ваучер, кој ќе придонесе за уште поголема мотивација на учениците во нивното понатамошно образование. Средствата за ваучерите ќе бидат обезбедени од буџетот на општината во вкупен износ од 5.000 евра“, рече Кондовски.Тој го најави и проектот SMART БИТОЛА ХАКАТОН кој ќе се оствари преку вмрежена соработка на Општина Битола, високообразовните институции, средните училишта, Стопанска комора на Битола и други партнери. Истиот ќе се организира секоја година поттикнувајќи ги младите да се активираат и да ги развиваат своите идеи преку креирање софтверски алатки на разни теми, најави Кондовски.

“ Исто така, ќе се креираат безбедни училишни зони и смирување на сообраќајот во зоните на училиштата со воведување на ЗОНА 30 и низа градежно-конструктивни, архитектонски бариери и сообраќајни мерки. Ќе се изградат спортски сали во секое училиште каде таа потреба не е задоволена. На овој начин, преку реални проекти кои најдиректно ќе го подигнат нивото на воспитно – образовниот процес, но и ќе ги поттикнат младите активно да се вклучат во секојдневните предизвици, ќе го извлечеме најдоброто од нив, градејќи ги во здрави личности подготвени за 21 век“, рече Кондовски.

Кандидатот за градоначалник потсети дека во изминатите четири години, СДСМ наместо во непродуктивни цели, буџетските средства ги насочи кон домаќински потреби во кои училиштата имаа приоритет.

“ Се одблокираа сметките на училиштата преку трансфер на пари во износ од 4 милиони и 400 илјади евра, а во нивна реконструкција се инвестираа повеќе од милион евра. Општина Битола инвестираше и 128.481 евра за успешен почеток на новата учебна 2020/2021 година во основните и средните училишта. Денешната прес конференција ја одржуваме токму пред ОУ Климент Охридски, во кое се одвива инвестиција во износ од близу 100 илјади евра со која се врши реконструкција на покривот и надворешната столарија, а ќе се направат и пристапни рампи за децата со потешкотии“, рече Кондовски.

 

Треба да знаете
Последни објави