Управата за финансиска полиција до Обвинителството поднесе кривична пријава против двајца управители во хотелот „Радика“ поради изградбата на дветте куќи, а за кои не било обезбедено одобрение за градба.
„Пријавените во својство на управители во правниот субјект ДТТУ ‘Радика Ресорт’ ДООЕЛ увоз-извоз, во текот на 2017 година свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и правниот субјект ‘Радика Ресорт’ ДООЕЛ, во својство на инвеститори, без да обезбедат одобрение за градење и да платат давачки-комуналии, противправно започнале и извеле градежни активности – изградба на 9 нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика, спротивно на член 57 од Законот за градење“, информираат од Финансиската полиција.
И покрај извршениот инспекциски надзор и донесениот записник за запирање на изградбата, пријавените продолжиле со градежните активности на бесправно изградени објекти, при што извеле изградба на 9 нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика.
Претходно месецов, општината Маврово Ростуше донесе решение со кое на инвеститорот Радика резорт му се наложува во рок од 15 дена да ги отстрани градбите.