Добровечер победничко Стајковци, добровечер моја Гази Баба.
Добровечер драги сограѓани.
Вечерва сме тука во Стајковци, место кое најдобро може да ја направи разлика меѓу доброто и лошото. Меѓу оние кои влечат напред и оние кои кочат и блокираат. Стајковци прави разлика помеѓу оние кои само ветуваат и оние кои ветувањата ги реализираат.
Изминативе четири години и градоначалникот и претседателот на Советот беа токму од тука, од Стајковци.
Еве ја разликата, драги пријатели.
Додека градоначалникот се бори и обезбедува пари за изградба на нова градинка во Стајковци, претседателот на Советот кочи и го блокира донесувањето на буџетот. Додека градоначалникот обезбедува нови приходи во буџетот, за изградба на салата во училиштето Кирил и Методиј, претседателот на Советот повторно блокира.
Затоа после 17-ти октомври, Борис Георгиевски ќе биде повторно градоначалник на Гази Баба, ама со големо мнозинство во Советот предводено од СДСМ и коалицијата.
Својот мандат во Советот ВМРО-ДПМНЕ го започна со блокади и со блокади сакаат и да го завршат.Во изминативе четири години го блокираа носењето на буџетите во општината. Го блокираа донесувањето на плановите кои значат развој за општината. Ја блокираа и изградбата на вакуум канализацијата во Јурумлери, како и новиот булевар АСНОМ.
Тие блокираат, ние работиме.
Со месеци готови проекти беа закочени, без никакво образложение или предлог како да бидат подобри. Се тоа на штета по граѓаните во Гази Баба.
Џабе им беше се. Покрај сите блокади, ние не се откажавме. Заедно со вас успеавме. Гази Баба тргна напред!
Со посветена работа на градоначалникот докажавме дека можеме поинаку. Дека може да се работи домаќински, и тоа во секое населени места.
Ја изградивме градинката Пеперутка во Стајковци, а се гради училишната сала во Кирил и Методиј.
Во 4 години во Гази Баба изградивме 48 километри патишта, реконструирани улици, булевари.
Изградени се 23 километри водовод и канализација.
Отворивме нови 4000 работни места заедно со бизнис секторот и тоа во 15 нови инвестиции.
Реновирани се сите градинки, училишта, насекаде се гради. Ама не барок и стиропор во богатиот Центар на Скопје, туку во училишта, водоводи, канализации, градинки, читални, она што на секој граѓанин му е неопходно за поквалитетен и подобар живот.
Драги пријатели,
Листата која јас ја водам има имиња на ваши соседи и пријатели, кој сите овие години се бореле и дале се од себе Гази Баба да биде подобро место за живеење.
Пред вас стојам и ја барам поддршката за мнозинство во Советот. Поддршка за да имаме функционален Совет, кој води напред, а не враќа назад. Совет кој носи развој, а не Совет кој назадува.
Совет кој работи во интерес на граѓаните, а не на партијата. Совет поддршка за Борче, но и реален критичар и коректив на градоначалникот.
Пред вас ја нудиме најдобрата програма која заедно ја пишувавме. Програма која нуди проекти за секое маало, за секое населено место, за секој човек.
Започнуваме со субвенционирање на автобуски билети за учениците и студентите од Гази Баба за време на распустот
Отвораме Младински Центар место во кое младите ќе можат да се дружат и разменуваат мислење.
Обезбедуваме поддршка од 60.000 денари за самовработување на младите и грант од 200.000 денари за студенти иноватори.
Ги стимулираме учениците и наставниот кадар предвидувајќи награда од 10.000 денари за ученик на генерација и 15.000 денари за најдобриот наставник и стручен соработник.
Градиме училишна сала во училиштето Наум Охридски во Булачани и уште две помали сали за подрачните училишта во Црешево и Страчинци.
Нашата досегашна работа е наш гарант дека овие проекти можеме и сакаме да ги направиме. Гаранција за тоа е Борис Георгиевски, градоначалник кој со посветена работа покажа дека може поинаку.
Ајде заедно да го направиме најдоброто за Гази Баба.
Да дадеме голема поддршка за Борис Георгиевски и советничката листа за Гази Баба.
Да дадеме поддршка на тимот кој го носи НАЈДОБРОТО ЗА ГАЗИ БАБА.