Негирањето на хрватскиот јазик во учебник на Република Србија е срамно и недозволиво, порача денеска хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, додавајќи дека тоа ќе му го пренесе и на српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Амбасадата, Министерството за надворешни работи и сите релевантни служби имаат јасна задача да протестираат против српските институции. Сметаме дека тоа е срамна политика, истакна Пленковиќ пред новинарите по состанокот на партиите од парламентарното мнозинство во Бански двори.
Хрватска очекува Србија да ги „отстрани таквите аномалии во учебниците”, кои исто така покажуваат „недостаток на почит” кон соседната земја.
– Не гледам која е намерата и со каква мудрост и интелигенција тоа се случило. Тоа лично ќе му го кажам и на претседателот Вучиќ, кој денеска и утре ќе биде во Словенија на самитот ЕУ-Западен Балкан, додаде Пленковиќ.