Економскиот директор на тетовската болница Артан Етеми и директорот на Клиничката болница Фљорим Бесими поднесоа оставки од своите функции кои се неотповикливи.
По завршување на локалните избори ќе бидат назначени нов директор и економски директор на болницата во Тетово, откако претходните директори си дадоа неотповикливи оставки по пожарот во модуларната болница.
Дека оставките на директорите се неотповикливи и дека ќе бидат поставени нови кадри по изборите потврди и Артан Груби од ДУИ, во изјава за Телма.
Обвинителството денес соопшти дека причината за пожарот во модуларната болница во Тетово бил прегреан продолжен кабел на кој бил поврзан дефибрилатор. Според обвинителство огнот се ширел брзо бидејќи сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на кислородна поддршка со што присуството на кислорот во болницата било зголемено.
Премиерот Зоран Заев попаднево соопшти дека нема да ги прифати оставките на министерот за здравство Венко Филипче и заменик-министерот Илир Хасани бидејќи нема причини да се лоцира политичка или менаџерска одговорност кај нив.
Тие од морални причини, заедно со директорите на тетовската болница, си поднесоа оставки непосредно по трагедијата која се случи на 8 септември.