Највлијателниот бизнисмен во Бугарија и поранешен пратеник Делјан Пеевски денеска беше сослушан во Софија во зградата на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС). При влегување во зградата на ДАНС, Пеевски накратко коментираше дека не плаќал за тероризам и дека сите теми веќе ги објаснил. Тој кажа дека веднаш одговорил на барањето на ДАНС да се појави на распит.
Поранешниот пратеник од Движењето за права и слободи (ДПС) е повикан на распит поради откритијата во аферата „Пандорини документи”.
Кога го напушти ДАНС, тој не сакаше да коментира за што зборувал, но неговото име вчера беше официјално објавено, а според меѓународната истрага, Пеевски е поврзан со три офшор компании, за кои нема трага во неговите пријави за имотот. Станувало збор за периодот 2012-2013 година.
Пеевски е еден од двајцата бугарски државјани чии имиња се споменуваат во меѓународната новинарска истрага. Во овој случај, Агенцијата за национални приходи на Бугарија побара дополнителни податоци од Меѓународниот конзорциум околу двајцата Бугари и нивните компании, кои се споменуваат во „Пандорините документи”. И бугарската Антикорупциската комисија се сомнева, па почна проверка на сите пројави на имотот и интересите поднесени од Пеевски.
Во писмена изјава до медиумите тој ги негираше сите обвиненија.