Владата во соработка со приватниот сектор будно ќе ги следи состојбите и ќе интервенира онаму каде што е најнеопходно за да нема драстични поскапувања на прехранбените производи, истакна вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи на синоќешната средба со извршниот директор на Стопанска комора на Северна Македонија, Антони Пешев и оперативната директорка, Билјана Пеева Ѓуриќ.
На средбата што ја иницираше Комората, присуствуваа и претставници на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија, како и на групациите на мелничко-пекарската и кондиторската индустрија, производство на месо и преработки на месо и производство, откуп и преработка на млеко.
Според Битиќи, стапката на инфлација е во рамки на проектираното, стабилна е и во досегашниот дел од годината, просечно изнесува 2,7 отсто, со можни мали поместувања. Соодветно на движењата на берзанските цени, се прават стручни анализи од кои би можеле да произлезат автономни или системски мерки, кои би одговориле на предизвиците со кои се соочуваат преработувачите на кус или долг рок.
Претставниците на Стопанската комора укажаа на поместувања на берзанските цени на основните суровини и репроматеријали, а Битиќи соопшти дека Владата континуирано ги следи економските движења и во земјата и во светот, како и цените на основните производи.
-Соговорниците се согласија дека ќе продолжат со соработката за заштита на стандардот и благостојбата на граѓаните, наведе Комората.
Вчера се одржа средба во Комората и во врска со предупредувањата за можен ценовен шок поради енормното покачување на цените на енергенсите на светските берзи. Претседателот Бранко Азески, премиерот Зоран Заев и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски договорија трите страни да преземат соодветни активности- Стопанската комора на Северна Македонија да го сублимира мислењето на компаниите, РКЕ да ги санкционира сите снабдувачи кои неосновано, непрофесионално и бесправно ги откажуваат веќе склучените договори со компаниите, а Владата да изнајде начин да им помогне на фирмите во рамки на можностите.
Претседателот на Стопанската Комора, Азески завчера реагираше, укажувајќи дека покрај последиците од пандемијата, снабдувањето со електрична енергија во наредните години ќе биде прашање со кое ќе се занимаваме 24/7. Како што напиша Азески, цената на електричната енергија на берзата за енергија во Будимпешта за последните 12 месеци порасна од 57 евра за мегават час на 1.01.2021 година, до 138 евра за мегават час на 27.09.2021 година. Истиот ден, Здружението за земјоделство на Комората предупреди дека храната се очекува да поскапи за 40 – 50 проценти, но и дека на тоа може да влијае државата, доколку преземе соодветни мерки кои би го ублажиле ударот од ценовниот шок врз потрошувачите. Побарана беше и конкретна финансиска поддршка за преработувачите.
Премиерот Заев, вицепемиерот Битиќи и министерот за економија, Крешник Бектеши, вчера изјавија дека состојбата будно се следи и дека ако треба, државата ќе интервенира.