Германската Партија на зелените сака да почне преговори со Социјалдемократската партија на Германија (СПД) и Либерално-демократската партија (ФДП) за формирање коалициска влада, а нејзината согласност за почеток на преговорите за создавање на таканаречаната „Семафор коалиција” ја потврди и ФДП, соопштено е денеска во Берлин.
-Заклучивме дека е паметно, особено по заедничките позиции што се искристализиравме по првичните разговори, да ги продолжиме преговорите со СПД и ФДП, изјави копретседателката на зелените, Аналена Баербок.
ФДП веднаш даде согласност за почеток на подлабоки преговори за коалиција предводена од СПД и кандидатот за канцелар Олаф Шолц.
-ФДП ќе ја прифати понудата за преговори за коалиција со СПД и зелените, рече членот на претседателството на ФДП, Ханс-Улрих Рилке, по денешниот рано утрински состанок на партиското претседателство.
Рилке, меѓутоа, ја остави отворена можноста за преговори и со Христијанско-демократската унија ЦДУ/ЦСУ за состав на таканарелената „Јамајка коалиција” меѓу демохристијаните, зелените и либералите.
-Денешната одлука за почеток на преговори со СПД и зелените не значи дека „ Јамајка коалицијата” е исклучена, рече Рилке.
По парламентарните избори што се одржаа на 26 септември, СПД излезе како победник со 25,7 проценти од гласовите. ЦДУ/ЦСУ го постигна најслабиот резултат во историјата со 24,1 проценти. Зелените се на трето место со 14,8 и ФДП со 11,5 проценти.
Зелените и ФДП првично меѓусебно преговараа за заеднички позиции по изборите и изгледите за формирање коалиција или со СПД или со Унијата.
Кандидатот за канцелар на СПД, Олаф Шолц, претходно објави дека целта на неговата партија е до крајот на глодината да формира влада со зелените и либералите.