Фудбалерите на Шпанија се радуваа на победа во полуфиналето на Лигата на нациите, откако на „Сан Сиро“ славеа против Италија со 1-2 (0-2). Европскиот првак прими два гола во првиот дел, кои со човек помалку немаше сили да ги анулира. Иако момците на Манчини се обидоа да се вратат, двата гола на Феран Торес беа пресудни за пораз. За Италија ова беше прв неуспех на домашен терен по цели 22 години, или 37 натпревари во серија, бидејќи последен пат загубија на домашно тло од Данска во 1999.
Избраниците на Луис Енрике тргнаа поофанзивно уште од самиот старт. „Фуријата“ наметна свое темпо и мудро ја чекаше својата шанса пред голот на Донарума. По одлична тимска акција која ја започна Микел Ојарзабал, кој со добро двојно проигрување се ослободи и потоа го проигра Феран Торес кој стрелаше за 0-1.
Фудбалерот на Манчестер Сити беше спремен, па добро реагираше по уфрлувањето од Ојарзабал и во 17. минута Шпанија поведе со голот на Торес. По примениот гол, Донарума за малку не капитулираше по неверојатен кикс. Голманот на Италија беше под притисок и беше исвиркан од фановите, а тоа за малку не резултираше со гол откако испушти топка од раце по ударот на Маркос Алонсо, но за среќа го спаси стативата.
Италија имаше две изгледни шанси, Бернардески прв се закани, а потоа зицер промаши и Лоренцо Инсиње. Покрај промашувањата, огромен пех за „аѕурите“ беше и вториот жолт картон на Бонучи, кој заработи исклучување. Шпанија знаеше како да го искористи тоа и веднаш во првата опасна акција по црвениот картон дојде до втор гол. Феран Торес ја продолжи својата гол серија, откако вторпат го пронајде патот до мрежата во 47. минута. Ојарзабал одново беше асистент, со ново нафрлување, а овојпат Торес со глава го матираше Донарума за целосен „нокаут“ на домаќинот.
Во продолжението, Манчини беше приморан да менува, ама на Италија тешко ѝ одеа обидите да се наметне против одлично поткованата Шпанија. „Фуријата“ повторно имаше контрола на играта, Италија размислуваше на напад ама не ризикуваше премногу. Гостинските фудбалери беа поблизу до трет гол, отколку Италија до прв. Неколку добри шанси за Шпанија не резултираа со погодок, а најблизу беше резервистот Брајан Хил чиј удар го скроти Донарума.
За драма се погрижија Федерико Киеза и Лоренцо Пелегрини. Шпанија имаше корнер, одбраната на Италија одби, а лежерноста на последниот човек во одбраната ја казни Киеза. Играчот на Јувентус ја украде топката и тргна во молљевита контра заедно со Пелегрини. Киеза дојде во шеснаесетникот и го навлече голманот Симон, па само ја проследи топката до соиграчот кој стрелаше во празната мрежа за 1-2. Иако „аѕурите“ имаа нешто повеќе од десет минути за целосен кам-бек, со десетмина на теренот немаа сили за огромен подвиг против расположениот ривал.
Шпанија се пласираше во второто финале на Лигата на нациите, каде што ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Франција и Белгија.